×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Образовни реформи: Зборуваме за дигитализација, а училиштата во охридско со една смарт табла!

    25.11.2021 08:42 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Дигитализацијата е одличен процес кога сите ученици би имале таблети, кога во секое училиште ќе има интернет. За инклузивно образование се неопходни кадровски и инфраструктурни подготовки во училиштата во охридско-струшкиот регион. Годинава во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид за првпат има 4 деца со посебни потреби. Според последниот Извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија, реформите во образованието одат бавно

    Образовни реформи: Зборуваме за дигитализација, а училиштата во охридско со една смарт табла! Фото: gimnazijaohrid.edu.mk

    Пишува: Соња Рилковска

     

    Инклузивност и дигитализација на образовниот процес, се дел од реформите во образованието кои се спроведуваат во земјава, но впечаток е дека училиштата и наставниот кадар во охридско-струшкиот регион не се подготвени за таков зафат.

    Од Секторот за образование при Општина Охрид велат ќе се заложат за подобрување на условите во училиштата.

    Образовниот процес и начинот на одвивање на наставата паралелно со подобрување на условите за настава во рамките на образовните институции се значаен приоритет на новата локална самоуправа. Од тој апсект правиме сè што е во наша надлежност сега и при оформувањето на програмите за работа за 2022 година да озоможиме подобри услови за одвивање на наставниот процес како и за учениците, така и за просветните работници кои поголемиот дел го поминуваат во рамките на образовните институции, вели во изјава за „Вистиномер“ раководителот на Секторот за образование, Димитар Спасески.

     

    ИНКЛУЗИВНОСТ И ДИГИТАЛИЗАЦИЈА

    Во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид годинава за првпат има 4 деца со посебни потреби. УНДП на терен  набљудува и прави обуки за инклузивно образование, но според професорите првенствено се потребни кадровски и инфраструктурни подготовки во училиштата.

    Апсолутно се согласувам дека тие ученици треба да бидат во мешани паралелки, но потребни се дефектолози  за работа. Има  деца со аутизам, деца со дислекција, телесен инвалидитет, глуви и слепи, затоа мора  да се дооформи инклузивниот тим на училиштето. Треба  психијатар, социолог, логопед, а после тоа ќе може тие деца да бидат вклучени. за нив потребен е  посебен образовен план. Дете во количка не може да дојде во училиште, нема пристапни рампи, школите немаат приспособени тоалети, ниту лифтови, не можат на втор кат да одат во кабинет. Тоа не е вклученост , тоа е исклученост, вели во изјава за „Вистиномер“ м-р Перчо Божиноски, професор во средното стручно училиште „Ванчо Питошески“ Охрид.

    м-р Перчо Божиноски, професор во средното стручно училиште „Ванчо Питошески“ Охрид
    Фото: Вистиномер

    Дигитализацијата на образовниот процес годинава се спроведува во прво и четврто одделение, но и за оваа реформа не се подготвени ниту наставниците, ниту учениците, смета Божиноски.

    Немаат сите ученици таблети, наставниот кадар не е обучен за ваков образовен процес. Родителите, пак, знаеме дека  копираат учебници. Дигитализацијата е одличен процес кога сите ученици би имале таблети, кога секое училиште има интернет, кога наставниците, учениците и родителите се оспособени за работа на компјутери. Реалност е дека има родители и професори повозрасна генерација,  кои не се многу спретни во информатичка технологја. Зборуваме за дигитализација,  а имаме по една смарт табла во училиште, интернет нема, вели Божиноски за Вистиномер.

     

    НАСТАВНИ ПРОГРАМИ

    Општините согласно Законот немаат надлежност за утврдување на наставните пограми и тоа е нешто на што во иднина сериозно треба да се работи, велат од Секторот за образование при Општина Охрид.

    Тоа е реформа на којашто државата треба да поработи и серизоно треба да ги вклучи општините при креирањето на самите наставни програми. Дополнително средствата од блок дотациите треба да ги пратат надлежностите кои општинте ги добиваат, да се пропорционални со тие надлежности. Затоа што секоја година во работењето на општината се јавува сериозен проблем и средствата од блок дотација не се доволни за нормално одвивање на воспитно-образовниот процес, а општината има потреба од сопствениот буџет да издвојва значителни суми на средства за да овозможи квалитетна наставна програма, вели раководителот на Секторот за образование, Спасески.

     

    ШТО ВЕЛАТ РОДИТЕЛИТЕ?

    Учебници полни со грешки и небулози, пренатрупани со непотребни информации, несоодветни наставни програми, недостиг на училишни помагала и нагледни средства, недоволно стручен наставен кадар, се само дел од проблемите во образованието на кои се жалат граѓаните од охридско- струшкиот регион.

    Премногу обемен материјал несоодветен за возраста на децата, многу лоши текстови во учебниците, наставниот кадар не е многу стручен. Старите програми каде сè се учеше на училиште со учителите/наставниците беа подобри, наместо сега кога задачите се доработуваат дома, велат родителите во анкета на ТВМ телевизија.

    Според оваа анкета правена на  на стартот на учебната година, а во која учествувале 300 испитаници од Охрид и Струга, родителите не се задоволни од квалитетот на образованието. Таа покажува 74 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека нема квалитетно образование, а само 8 отсто го мислат дека има. Дури 77 отсто од испитаниците сметаат дека реформите во образовниот процес не го подобрија квалитетот на образованието, додека само 4 отсто го мислат спротивното.

    Граѓаните сметаат дека е нужно дообучување на наставниот кадар,  реформи во образовната програма, но и  подобрување на условите во училиштата

     

    ИЗВЕШТАЈ НА ЕК: ДА СЕ ПОДОБРИ ПРИСТАПОТ ДО КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА СИТЕ

    Според Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија, реформите во образованието одат бавно. Воведување цели и индикатори за сеопфатната стратегија за образование 2018-2025 напредува бавно, како и имплементација на соодветен систем за мониторинг. Препораките од Извештајот за 2020 година беа само делумно адресирани и остануваат валидни.

    Во наредната година Северна Македонија треба особено да се посвети на спроведување на стратешката рамка за образование, пред сè на целите за предучилишно образование и реформа за стручно образование и обука, на подобрување на поддршката за обука и професионален развој на наставниците и обезбедување ефективен процес на оценување, да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попречености и за децата Роми, како и да се зголеми запишувањето во предучилишна возраст, стои во Извештајот.

    Земјата е умерено подготвена, врз образовниот систем и напредокот на реформите во образованието длабоко влијаеше пандемијата со ковид-19, затоа што напорите на Владата беа фокусирани, пред сè, на создавање средина за учење на далечина, наведува Европската комисија (ЕК) во Поглавјето 26 на Извештајот за напредокот на Македонија во 2020 година.

    Како резултат на пандемијата ковид-19, образованието главно се одвиваше преку учење на далечина. Министерството за образование усвои нови протоколи и упатства за рационализација на наставните програми и поддршка на училиштата и наставниот кадар во имплементацијата на комбинираниот модел на настава. Нов концепт за развој на систем за учење на далечина во основно и средно образование беше усвоен во јули 2020 година и беше развиена национална платформа за поддршка на учењето на далечина, се посочува во Извештајот на ЕК.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар