×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ситни чекори на македонскиот пат од „хибриден режим“ до „ нецелосна демократија“

    11.02.2022 12:48 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Лондонската компанија Economist Intelligence Unit (ЕИУ – Единица за деловно разузнување) го објави Индексот на демократијата за 2021 година, каде според пет категории, се рангира степенот на демократија во 165 независни држави и две територии. Ова го опфаќа речиси целото население на светот и огромното мнозинство од државите во светот

    Ситни чекори на македонскиот пат од „хибриден режим“ до „ нецелосна демократија“ Фото: pixabay.com

    Пишува: Весна Коловска

     

    Според опфатените пет категории: изборен процес и плурализам, функционирање на власта, политичко учество, политичката култура и граѓанските слободи, прворангирана е Норвешка со вкупна оценка од 9.75, а на врвот на земји  оценети како „целосна демократија“,  меѓу првите пет рангирани се и (2) Нов Зеланд (9,37), (3) Финска (9,27),  (4) Шведска (9,26) и (5) Исланд (9,18).

    Р. Северна Македонија заедно со Црна Гора и Молдавија е во групата земји со значаен напредок и од земји со „хибридни режими“ премина во погорната група на „нецелосни демократии“  или „демократии со недостатоци“  (“flawed democracy”). При вкупното рангирање С. Македонија се најде на 73 место, на претпоследното место во групата земји со „нецелосна демократија“, со вкупен резултат од 6.03 од можни 10 поени. Најслаба оценка има за политичката култура со само 3.75. Највисока оценка земјата доби за категоријата „изборен процес и плурализам“ – 7.42, потоа за „граѓански слободи“ – 7.06, „функционирање на владата“ – 6.43 и „политичко учество“ – 6.11.

    Economist Intelligence Unit, DEMOCRACY INDEX 2021 THE CHINA CHALLENGE

    Оценувајќи ја состојбата со македонската демократија, документот пишува дека С.Македонија, забележа скромни подобрувања во функционирањето на власта, а довербата во партиите ја оцени како „неверојатно ниска“.

    Во октомври 2021 година, земјата одржа конкурентни општински избори. Како одговор на поразот на неговата партија на изборите, премиерот и лидер на владејачката партија Зоран Заев рече дека ќе преземе одговорност и ќе се повлече од двете функции. Довербата во политичките партии, која и понатаму е неверојатно ниска, симболично се подобри во 2021 година во споредба со 2020 година, според Балкански барометар, пишува во документот во делот за нашата земја.

    Политичките партии и нивната поларизација во Собранието, се најдоа и во последниот Извештај на Европската Комисија за напредокот С. Македонија во 2021 година.

    ЕК оценува дека се потребни се напори за зајакнување на улогата на Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ.

    Во однос на демократијата во политичките партии, се забележуваат промените направени од страна „на некои политички партии за зајакнување на нивниот внатрешен политички процес, но потребни се дополнителни напори, вклучително и со зголемување на транспарентноста на финансирањето на политичките партии“.

    Граѓанските слободи и фундаменталните права, како еден од петте критериуми според кои се врши рангирањето во Индексот на демократија, подетално е оценет во Извештајот на ЕК каде се нотира дека земјата и понатаму ги исполнува своите општи обврски во однос на фундаменталните права:

    Но постојат предизвици во спроведувањето на постојното законодавство. Корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост.

    Во овие напори се нагласува улогата на правосудните органи, од кои се очекуваат реформирани институции. Притоа, Извештајот на ЕК очекува да се интензивира доследното спроведување на Стратегијата за реформа во правосудниот сектор и ажурираниот Акциски план, да се спроведат стратегиите за човечки ресурси за правосудната и јавнообвинителска мрежа и да се подобри информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС) за да се обезбеди негова целосна функционалност и веродостојност.

    Паралелата со деловите од Извештајот на ЕК може да даде објаснување на оценките по категории врз кои се базира Индексот на демократија на ЕИУ. За подобро сфаќање на овој документ, важно е да се каже дека Индексот опфаќа прашања кои ги содржи и Извештајот на ЕК и на ОБСЕ.

    „Вистиномер“ веќе пишуваше  дека Индексот е всушност просек на одговорите од овие прашања, кои имаат два до три предетерминирани одговори, што претставуваат „проценки на експерти“, иако не се објавува ништо за нив.

    Споредено од 2006 година, кога почна објавувањето на Индексот на демократија на ЕИУ, Македонија најдобра оценка имала таа година, по што следи 2014-та, додека четири години по ред (2008-2013) имала ист резултат од 6.16. Најголем пад во однос на 2006 година имало во оценките за 2020 година со 5.89.

      Economist Intelligence Unit, DEMOCRACY INDEX 2021 THE CHINA CHALLENGE

    Во време кога беше објавен споменатата анализа на „Вистиномер“, (март 2015) Македонија имала подобар рејтинг за едно место од тој за 2021 година и исто се наоѓала во групите земји со „нецелосна демократија“. Во оваа група се наоѓала блиску до Чешка, која според најновото рангирање се најде на високото 23 место и до Романија (61) и Хрватска (56), кои се пред С.Македонија.

    Гледајќи го најновиот Индекс на демократијата за 2021 година, од земјите во регионот највисоко на листата е Грција – на 34 место, Бугарија е на 53 место, а пред Македонија рангирани се Србија на 63 место, Албанија на 68, а Црна Гора едно место по С.Македонија, односно на 74 место. Веднаш по Црна Гора почнува рангирањето на земјите, кои според оценките се наоѓале во групата на „хибридни режими“.

    Economist Intelligence Unit, DEMOCRACY INDEX 2021 THE CHINA CHALLENGE

    Во 2021 година, просечната оценка на источноевропските земји класифицирани како „нецелосни демократии“ се искачи на 6,76, од 6,70 во 2020 година.

    Главните подобрувања дојдоа  од ниската основа — во функционирањето на владата и категориите на политичка култура, двете најслаби категории за регионот. Влијанието на пандемијата на коронавирус продолжи да се чувствува во 2021 година, но нивоата на доверба во владите скромно се зголемија во неколку земји во Западен Балкан, покажуваат податоците од Балкан барометар, годишно истражување за деловното расположение и јавното мислење во шест балкански држави, пишува во документот.

    Во Индексот за демократија за 2021 година, 74 од 167 земји и територии опфатени со моделот, или 44,3 отсто од вкупниот број, се сметаат за демократии. Бројот на „целосни демократии“ падна на 21 во 2021 година,  од 23 во 2020 година. Бројот на „нецелосни демократии“ се зголеми за една – на 53. Од преостанатите 93 земји, 59 се „авторитарни режими“, за разлика од 57 во 2020 година, а 34 се класифицирани како „хибридни режими“.

    Извор: Economist Intelligence Unit, DEMOCRACY INDEX 2021 THE CHINA CHALLENGE

    Во генералните заклучоци на Индексот за демократија за 2021 година, резултатите покажуваат континуираното негативно влијание на пандемијата ковид-19 врз демократијата и слободата во светот втора година по ред.

    Пандемијата резултираше со невидено намалување на граѓанските слободите подеднакво меѓу развиените демократии и авторитарните режими, преку наметнување на заклучувања и ограничувања за патување и, сè повеќе, воведување на „зелени пропусници“ кои бараат доказ за вакцинација против ковид-19 за учество во јавниот живот. Тоа доведе итните овластувања да станат нормални, кои имаат тенденција да се зацврстат и станат вообичаени, а граѓаните да свикнат на огромно зафаќање од страна на државната власт на големи области од јавниот и личниот живот, пишува во Индексот на демократијата за 2021 година.

    „ЕИУ“ во 2006 година започна со „мерење“ на индексот на демократија во светот. Глобалниот резултат во Индексот на демократијата за 2021 година падна од 5,37 во 2020 година на 5,28, што претставува поголем пад од претходната година и поставувајќи уште еден лош рекорд за најлош глобален резултат од Индексот за првпат воспоставен во 2006 година.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

    2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk