Буџетот на Крива Паланка за 2020 година реализиран 67 отсто

19.03.2021 10:53 | KumanovoNews

Предвидениот буџет на Oпштина Крива Паланка за 2020 година , кој по сите ребаланси, проширувања и пренамени изнесува 482.479.240 денари, реализиран е 67,11 отсто.

Буџетот на Крива Паланка за 2020 година реализиран 67 отсто

Имено, реализирани се вкупно 323.799.157 денари. Најголема реализација има кај блок дотациите, односно 85,92 %, а процентот на остварување кај даночните приходи изнесува 61,29 отсто. Најмало остварување има кај планираните донации, кои се реализирани 44,29 %, а кај капиталните приходи е забележан процент на остварување од 58,95 отсто.

Соодносот помеѓу планираните и реализирани расходи, пак, изнесува 63,23 отсто остварување. Еден од најголемите проценти на реализација има кај ставката за плати, наемнини и надоместоци од 95,33 %, додека од планираните социјални бенефиции остварени се само 12,37 отсто. Слаба реализација е забележана и кај планираните капиталните расходи кои се остварени за само 27,82 отсто.

Во однос на планираните и реализирани расходи по програми, пак, најголема реализација има по програмите за социјална заштита, образование, култура, спорт и рекреација и општи јани служби и тоа од околу 74-86%.

Во 2020 година од Буџетот на Oпштина Крива Паланка потрошени се средства за субвенции и трансфери, во висина 5.884.000 денари и тоа за поддршка на невладини организации, за стипендии, судски решенија, трансфери при пензионирање, социјални надоместоци и друго.

Капиталните расходи минатата година, пак, биле искористени за купување на информатичка и видео опрема, подготвување на проекти, изградба и реконструкција на локални патишта, изградба на капацитети за водоснабдување, канализации, изградба на спортски комплекс, реконструкција на детска градинка, изградба на тротоари, потпорни зидови, купување на тезги, разладни витри и куќички.

Во 2020 година платена е и камата по заемот од Светска Банка, во износ од 33.305 денари и вратена е главница за кредитот во износ од 5.155.056 денари.

„Завршната/годишната сметка за 2020 година дава отчет за правилноста, законитоста, рационалноста, економичноста и транспарентноста во користењето на јавните средства, презентирајќи го работењето на Oпштина Крива Паланка“, истакнуваат од локалната самоуправа.

(Ж.Ц.)


2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk