Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Познатиот актер Драган Спасов Дац е лауреат на 14-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, што се одржува под покровителство на Општина Крива Паланка.
Наградата му се доделува за особен придонес во театарската уметност и културата, а свечено ќе му биде врачена на 26 октомври, во големата општинска сала. Промотори на творештвото и достигнувањата на Драган Спасов Дац ќе бидат Гоце Ристовски, Томислав Османли и Благоја Чоревски.
Со прогласувањето на лауреатот свечено ќе биде отворено овогодинешното издание на фестивалот. На 27 и 28 октомври ќе се одржи алтернативниот мултимедијален фестивал „Гига фест“, посветен на кривопаланечкиот актер и режисер Глигор Цветковски (1980-2021).
На фестивалската програма се театарските претстави „Кабаре од А до Ш“ на Уметничката работилница „Призор“ од Белград, Србија, „Чекајќи го министерот“ со Лидија Вукичевиќ, Сашо Ристовски и Семир Гициќ, „Секс и лаги“ на НУЦК НТ Куманово, „Разведи ме „ на Театар „Провокација“ од Скопје, „Брачен круг“ на НТ„Стерија“, Вршац, Стед ап со Тино и Атанас и настап на Драмското студио при СОУ „Ѓорче Петров“.
Театарската програма ќе трае од 30 октомври до 6 ноември.