Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кривопаланчанката Мери Акиевска стана светски шампион во велнес фитнес, освојувајќи ги сите медали што можеше да ги освои на Светското првенство во бодибилдинг и фитнес, кое се одржа од 3-8 во Санта Сузана во Шпанија.
Акиевска, која има само 22 години, е четирикратен светски шампион во својата категорија до 163 сантиметри, во јуниорска и сениорска категорија, како и во апсолутните категории, победувајќи ги останатите конкуренти и од другите висински категории.
„Чуствата се уште се силни во мене. Прекрасно е сето тоа кое викендов го проживеав и доживеав на 75-тото Светско првенство за мажи-жени-јуниори-сениори и ветерани. Најголемото светско првенство одржано досега. Сабота, 6-ти ноември, ќе остане секогаш врежан во моето срце. Чувството не може да се опише, 4 пати ечеше химната на Македонија, 4 пати капеа солзи од среќа“, напиша Акиевска на својот фејсбук профил по освојувањето на титулата.
Младата кривопаланчанка е член на Магнус фитнес клубот од Скопје, а со бодибилдинг почнала да се занимава рекреативно во 2017 година, но набргу овој спорт и влегол под кожата и станала професионалец, зад кој се бројни награди и победи.
„Патот до овој успех не беше лесен ниту случаен. Голема заслуга за ова има мојот матичен клуб, Фитнес центарот МАГНУС од Скопје, каде под водство на мојот тренер Бобан Ѓороски (претседател на Боди билдинг фитнес федерацијата на Македонија) три години систематски се подготвував за овој натпревар. Ви благодарам од срце за подршката и условите кои се најдобри во Македонија“, истакна Акиевска.
Успехот, како што вели, го прославила со омилената храна, помфрит чоколада. Но, веќе повторно се враќа на стариот режим на исхрана и на вообичаената диета, подготвувајќи се за нови победи.
На Светското првенство во Шпанија учествуваа 102 држави од целиот свет и повеќе од 1500 натпреварувачи.