Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонската скулпторка Нела Јанковска од Крива Паланка е добитничка на годишната награда за скулптура на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), кое традиционално секоја година на годишна изложба доделува 4 награди и тоа за сликарство, склулптура, графика и за млад автор.
Наградената скулптура на Јанковска носи наслов „Метаверзум-средба“, а идејата е да се претстави нов вид на универзум, како комбинација на виртуелната и проширена реалност и можноста за комункација на луѓето меѓу себе , но и со други виртуелни светови и хуманоиди.
„Овој стил и техника ги работам многу години, моите први скулптури се со наслов „Мета“, а „Метаверзум“ е поврзан со напредокот на технологијата и новиот свет, новата реалност, која колку и да е виртуелна мора да ја прифатиме. Со помош на сите тие сензори што ги користистиме за да влеземе од реалниот во виртуелниот свет, јас се обидувам да го прикажам моментот на допир меѓу фигурите, како допир на едно човечко суштество со друго суштество-вонземјанин. И во тој виртуелен свет ние можеме да го бираме просторот, да одиме во некој простор, да комуникацираме со други хуманоиди.“, вели скулпторката Јанковска.
Со композиијата на скулптурата таа сака да ја нагласи важноста на поврзаноста меѓу луѓето како никогаш досега, но и метаверзумот како нова реалност која може кај нас ќе предизвика и емотивни реакции , но која, сепак, на крајот, ќе мора да ја прифатиме.
„Секако дека се поставува прашањето и на етиката, границата, контролата, но на крајот ќе бидеме принудени да го прифатиме тој 3Д простор и да функционираме во него, иако сме имале некој отпор на почетокот. Ова е идеја дека ние како човечки суштества треба да ја користиме технологија за подобрување на контактите“, потенцира Јанковска.
Академската скулпторка Нела Јанковска зад себе има над 30-годишно творештво, учествувала на над триесетина групни изложби, бројни интернационални ликовни колонии, а реализирала и неколку самостојни изложби. Член е на ДЛУМ и веќе е добитник на годишната награда за млад автор.
Покрај наградата за скулптура, ДЛУМ ги додели и традиционалните награди за сликарство на Гордана Вренцовска, за графика на Иво Пецов и за млад автор на Леон Тенев.
Годишната изложба на ДЛУМ има обединувачки карактер на мноштво различни ликовни дела и има големо значењето во ликовно-историски контекст. Целта е да се прикажат актулните ликовни стилови и техники и да им овозможи на сите учесници-членови на ДЛУМ јасно согледување на своето место во ликовниот простор на Македонија во период од една година.