Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во јавните ученички домови во Североисточниот регион ќе бидат примени вкупно 210 ученици.
Министерството за образование и наука објави Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во земјава за учебната 2021/2022 година. Со конкурсот се слободни вкупно 2578 места за сместување и исхрана на ученици од средното образование, во 18 домови во Куманово, Крива Паланка, Кратово, Скопје, Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Охрид, Струга, Македонски Брод, Струмица, Свети Николе и Штип.
Во ученичките домови во Североисточниот регион ќе бидат примени вкупно 210 ученици. Во Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ има место за 120 ученика, во „Боро Менков“ во Крива Паланка 57 и во „Митко Панџуклиски“ 33.
Согласно здравствениот протокол за справување со ковид-19, во јавните ученички домови во една соба се сместуваат 50 отсто ученици од вкупниот капацитет на собата и право на сместување ќе имаат само учениците кои имаат настава со физичко присуство или комбинирана настава.
Доколку во текот на идната учебна година се надмине пандемијата и ќе се создадат услови за сместување со полн капацитет, во домот ќе се сместат сите ученици кои стекнале право на сместување со Конкурсот.
Првенство при прием во ученичките домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови низ земјава.
Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на веб-страницата www.konkursi.mon.gov.mk.