×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Да шириме љубов“ – новo хуманитарно здружение за помош на деца и сиромашните

    16.02.2023 07:31 | Ивана Алексовска

    Во Куманово започна со работа ново хуманитарно здружение „Да шириме љубов“ (Let`s Spread love), кое има за цел да помага и да дава поддршка на ранливите и маргинализирани семејства, а особено на децата кои живеат во нехумани услови и сиромаштија.

    „Да шириме љубов“ – новo хуманитарно здружение за помош на деца и сиромашните

    Нивната мисија е обезбедување на донации за работонеспособните лица, самохрани и разведени родители, многудетни семејства, деца со попреченост и на сите оние кои им е неопходна помош.

    Предводници на тимот се хуманитарката Маре Бојковска, познатот пејач Драган Величковски-Тајзи и Дејан Трајковски вработен во АРМ, како и група млади од Куманово, кои и досега организирале повеќе акции и помогнале на многу лица во справување со сиромаштијата и животните предизвици.

    „Целта за нашето постоење е искрената желба да се помогне таму каде што е најпотребно, да се сподели љубов. Да дадеме свој придонес кон ублажување на последиците од сиромаштијата. Сакаме да ја поттикнеме свеста и општествената одговорност кај нашите сограѓани. Поскапувањето на основните прехранбени продукти, најмногу ги погоди семејствата кои живеат во сиромаштија. Тоа ја прави уште посложена нивната состојба, соочени се со секојдневна борба за преживување, страв и стрес, особено кога станува збор за нивните деца. Тое е главниот мотив и причина за формирањето на ова здружение“, објаснува Бојковска, иницијатор за регистрирање на здружението.

    Идејата за формирање на хуманитарно здружение постоела уште од 2005/2006 година, додека Маре работела во АРМ и постојано се соочувала со трогателни слики-луѓе без кров над главата, гладни, боси, деца без семејства или домови со нехумани услови за живеење. Откако се вратила од Авганистан решила да ја оствари дамнешната желба и да ја започне својата мисија.

    „Првите мои акции беа од мои сопствени средства. Почнав сама да делувам. Најдов неколку семејства кои бараат помош. Насмевката на нивните лица ми беше поттик да продолжам со уште поголема волја. Во разговор со моите пријатели, добив подршка, па дури и понуда заедно да дејствуваме. Веста бргу се прошири. Почнаа да ми пишуваат луѓе од странство, да ми праќаат пари, многу и од кумановските општествено одговорни фирми ми излегоа во пресрет, пекарници, припадници на АРМ и полицијата. Некои со пари, некои со ваучери, помош во превоз, храна, облека па дури и мебел“, додава Бојковска.

    Меѓу првите хумани луѓе кој се приклучува на хуманитарната приказна на Бојковска е и познатиот пејач Тајзи, кој пружа несебично пружа помош при секоја акција.

    „Само еден ден да отидете со нас во неколку социјално загрозени семејства, ќе ви стане јасно на сите кој е мотивот за она што го работиме. Со Маре се запознавме многу одамна и можам да кажам дека целиот град знае за каков човек се работи. Таа е една светла душа која зрачи со позитивност секогаш и секаде, иако и самата има своја борба во животот. Среќа е да даваш, кога ја делиш со некој друг, а Бог ти враќа од друга страна и ги гледа сите твои дела“, вели Тајзи.

    Тој истакнува дека посебно е благородна помошта на децата, бидејќи нема цена кога ќе се види нивната насмевка по добиената храна, новите патики или јакна, кои тие никогаш не можеле да си ги дозволат.

    „Ние како организација не сакаме акцентот да биде ставен на било кој од нас, туку на граѓаните кои несебично помагаат веќе подолг период. Ние сме само трансфер на нивната добрина. Куманово е хуман град, луѓето постојано издвојуваат за да помогнат таму каде што навистина е потребно“, раскажува Тајзи.

    Неговата популараност не ја гледа како пречка во хуманитарната работа. Тој вели дека живее од своето пеење, но секогаш сака голем дел од финансиите да завршат кај граѓаните.

    Мислам дека на сите ни е јасно во колку тешка ситуација се наоѓаме, во какво сурово општество живееме и колкав е степенот на сиромаштијата во нашата земја. Јас не потекнувам од богато семејство, никој не ми помогнал финансиски во музиката, за се морав да се изборам сам. Патот е многу тежок, но јас длабоко верувам дека постојат добри луѓе“.

    Во работата на здружението секојдневно се приклучуваат нови волонтери, а интересно е што повеќето се млади. Најмладиот член има само 14 години, а во тимот волонтира и младата гимназијалка Ива Крстевска, која знае да ги израдува дечињата и со плетење на косата, разговор со нив па дури и со некоја игра.

    „Насмевката на децата, насолзените очиња и нивните прегратки се за мене голема мотивација. Горда сум што сум дел од тимот на сега веќе регистрираното здружение „Да шириме љубов“. Не застануваме тука и продолжуваме со уште поголема волја“, вели Ива.

    Од почетокот на годината здружението организирало повеќе хуманитарни акции, во кои биле опфатени 50-тина семејства и околу 150 дечиња, во општините во регионот. Поделени се новогодишни пакетчиња, реализирана е божиќна акција со припадниците на АРМ и полицијата кои го донирале нивниот сув дневен оброк, а за Богојавление со здружението Коледари поделиле околу 100 чинии пифтии.

    „Ние всушност секој ден сме активни и во секое време пријатно ги изненадуваме дечињата. Тоа може да биде и нова јакна, чизми, ранец и школски прибор. Имаме подршка и од неколку оптичари во градот кои несебично понудија помош за дечиња кои имаат потреба од очила. За сите оние невработени, а работоспособни им нудиме и работа во договор со компаниите кои исто така ни се понудија ако е потребно вработување“, објаснува Маре.

    Од здружението веруваат дека нивната мисија ќе се шири и ќе биде препознатлива не само во Куманово, туку и пошироко. Очекуваат поддршка од Општина Куманово за обезбедување на деловен простор во кој ќе работат, но и ќе го опремат со туш кабини, машина за перење алишта и кујна за топол оброк, за да им се помогне на семејствата кои немаат услови да одржуваат лична хигиена, ниту доволно храна во своите домови.

    Здружението „Да шириме љубов“ ги повикува младите, но и сите други добри луѓе кои ја сакаат хуманитарната работа да им се придружат во предизвикот, а останатите да ја покажат својата хуманост и да донираат во рамките на своите можности на жиро сметка:240140117795173 и Ибан:МК07240140117795173 Уни Банка.