×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Александра Боризовска: Привилегија е да си спортист

    29.12.2019 12:18 | KumanovoNews

    Може да се каже, дека ракометот ме изгради како личност. Спортот бара жртва, напорни тренинзи, посветеност и дициплина. Го осознаваш чувството на победник, но неизбежни се и поразите кои треба да се прифатат. На младите би им препорачала, да дадат максимум, да бидат посветени, истрајни и дисциплинирани, бидејќи само така ќе постигнат добри резултати. Да си спортист е вистинска привилегија!

    Александра Боризовска: Привилегија е да си спортист

    Александра Боризовска, ракометарка на Женскиот ракометен клуб Куманово е синоним за успешна спортска приказна во женскиот ракомет. Таа е капитен на најстариот женски ракометен клуб во државата, ракометниот клуб Куманово, кој оваа година одбележува 90 години постоење. Клубот е есенски шампион во младинска и кадетска лига, а нивниот долгогодишен успех го потврди и Ноемвриска награда, која ја доби од Општина Куманово како најпрестижно признание за врвни достигнувања во спортот.

    Боризовска веќе една деценија  е клучна алка во тимот. Во првите пет години играла на позицијата лево крило, а подоцна централен бек. Иако, на почетокот на спортската кариера прво ја одбрала кошарката, многу брзо заклучила дека местото не и е таму.

    „Морам да кажам дека ракометот никогаш не ми бил интересен спорт. На своја 12-годишна возраст почнав да тренирам кошарка, но тоа беше многу кратко бидејќи тогаш во Куманово немаше женска екипа и немаше услови да продолжам, додека женската ракометна екипа на Куманово бележеше добри резултати. Во оваа прилика го поздравувам и му се заблагодарувам на мојот професорот по физичко образование Синиша Филиповски, кој воедно беше и иницијатор да почнам да тренирам ракомет. Во ракометот се пронајдов целосно, ми се допадна таа динамична игра и еве повеќе од една деценија не можам да се оделам од него“,  вели Александра.

    Таа додава дека ракометот е колективен спорт во кој треба да владее хармонија, истрајност и желба за победа, а главна компонента за успехот е дисциплината, како и добрата комуникација помеѓу играчите во тимот.

    „Ние, спортистите, секојдневно сме изложени на психофизички напори, па така освен физичка подготвеност, ние градиме карактер. Да не заборавиме дека ракометот е колективен спорт, играчите се насочени едни кон други заедно со тренерите. Во екипата треба да владее хармонија, истрајност, желба за победа и според мене најглавната компонента е дисциплината. Исто така, уште од првиот ден ја имам целата поддршка од моето семејство и им благодарам што и ден денес веруваат во мене. На позицијата централен бек, воедно и како капитен носам огромна одговорност и со сите ракометарки треба да имам многу добра комуникација на терените, но и надвор од нив“,  раскажува капитенката.

    Таа, исто така смета дека ракометот, како и спортот е особено значаен за градење на една личност, а на помладите кои сакаат да се станат спортисти им препорачува да бидат истрајни и дисциплинирани.

    „Може да се каже, дека ракометот ме изгради како личност. Спортот бара жртва, напорни тренинзи, посветеност и дициплина. Се градиш како личност. Го осознаваш чувството како е кога си победник, но неизбежни се и поразите кои треба да ги прифатиме и да ни бидат поттик за уште повеќе работа. На младите, доколку се занимаваат со ракометот или со било кој друг спорт, би им препорачала, да даваат максимум, да бидат посветени, истрајни и дисциплинирани, бидејќи само така се постигнуваат добри резултати. Да си спортист е вистинска привилегија“,  заклучува Александра.

    Таа, смета сека ЖРК Куманово има многу млади таленти во кои треба допрва да се вложува, а тоа го покажува и фактот што оваа година ЖРК Куманово е на врвот на табелата не само во сениорската туку и во младинската и кадетската лига.

    „Ракометот секогаш бил спорт број еден во Македонија. Оваа година имаме навистина одлична екипа, за тоа говори и фактот дека на крајот на оваа сезона заслужено сме на првата позиција без ниту еден пораз. Исто така, како есенски шампиони сме и во младинска и кадетска лига. Женскиот ракометот во Куманово изобилува со млади таленти, кои допрва треба да се надоградуваат. За жал, што се однесува до македонското првенство, морам да кажам дека оваа година е на многу слабо ниво“,  објаснува Александра.

    Боризовска вели дека е особено горда на колективниот успех со освојувањето на Купот на Македонија, како и признанието за една од најдобрите десет спортисти на ниво на Куманово, кое го доделува Општинскиот сојуз на спортови Куманово.

    „Најголем успех на колективно ниво е освојувањето на Купот на Македонија претходната година, меѓутоа имам и многу индивидуални признанија, а од неодамна се најдов и помеѓу десете најдобри спортисти на Општина Куманово. Ова признание ме прави горда и ми претставува огромна чест и задоволство и поттик да продолжам да тренирам со уште поголема посветеност. Да се игра пред полна сала е дополнителен мотив за секој играч. Публиката претставува наш осми играч на теренот и ни ја дава максималната поддршка на секој натпревар“,  раскажува таа.

    Исто така, смета дека посветеноста, истрајноста, дисциплината, давањето максимум на секој тренинг и се разбира вербата во себе која секој спортист треба да ја има се клучни карактеристики за еден успешен спортист.

     „Максимум на тренинзи, дисциплина и секако верба во себе е моето мото“,   вели Боризовска, која е синоним за успешната приказна во ЖРК Куманово.

     Како ракометарка на која и` се восхитува, капитенот Александра Боризовска ја издвојува норвежанката Стине Бредал Офтедал, поради нејзиниот начин на игра и вели дека би била пресреќна доколку некогаш се најдат заедно на терен.

    Фросина Марковска