Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарскиот клуб „Куманово“ размислува да го прекине учеството во Првата кошаркарска лига за наредната сезона, по одлуката на КФМ да дозволи играчот Данило Мијатовиќ еднострано да го раскине договорот со клубот.
Ова го соопшти градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски на денешната прес-конференција, незадоволен од одлуката на КФМ и односот на првиот човек Петар Наумовски, кој според градоначалникот, наметнал нови правила на игра на штета на клубовите, особено на Куманово. Особено е рволтиран од изјавата на Наумовски дека КК Куманово има неспособно менаџирање и затоа има проблеми.
„Како локална самоуправа ќе се преиспитаме дали воопшто ќе направиме развојна програма во која ќе се финансира спорт каде има вакви услови за натпреварување. Да се даваат средства од парите на граѓаните на една група на луѓе кои само мислат за лични интереси. Со раскинување на договорот на Мијатовиќ направена ни е невидена штета на екипата во полуфиналните и очекуваните финални средби во БИБЛ лигата, каде Куманово е единствен преставник од Македонија, во Супер лигата како третопласирана екипата во првенството на Македонија и невиден хендикеп на понатамошните натпревари. Одлуката за раскинување на договорот е со цел да се задоволат потребите на МЗТ Скопје„ – истакна градоначалникот Дамјановски.
Управата на КК Куманово ќе поведе судски спор против: МКФ, Петар Наумовски, менаџерот на Мијатовиќ, регистрационата комисија и Данило Мијатовиќ, а упатиле жалба и до Арбитражниот суд на МОК. Дамјановски го повика Наумовски да си поднесе оставка и да ја ослободи кошарката од стегите на политиката, бидејќи последните 10 години со неговото доаѓање македонската кошарка ги доживеала најцрните денови.
Тој повтори дека КК Куманово на почетокот на сезоната морало да плати 30.00 евра по основ на лиценци, котизации и казни за да учествува во лигата, што е премногу и за поразвиени клубови и држави, а не за условите и состојбите во кои се наоѓа нашата држава.
За кошарката во Куманово општината одвојува 8 милиони денари годишно од вкупно 16 милиони денари предвидени за развој на спортот.