Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на Куманово, вечерва ќе играат во финалето на Купот на Македонија, откако вчера во полуфиналето во натпревар со трилер завршница и со неверојатен пресврт ја совладаа екипата на КК Кожув со 92:87.
Вчера, кошарката по којзнае којпат покажа дека е еден од највозбудливите и најинтересните, но секако и еден од најнеизвесните спортови во кој победникот не се знае до последните секунди од натпреварот. Таков беше и примерот со синоќешниот полуфинален натпревар во Купот на Македонија, помеѓу Куманово и Кожув во кој екипата на Куманово навистина покажа дека поседува ментална енергија и карактер, перформанси без кои не може да се остварат големи резултати. Вчера на натпреварот, откако екипата на Куманово на моменти имаше негатива од дури -18 (51:69) и откако на 6 минути до крајот тренерот Луковиќ на -10 разлика заработи техничка грешка, никој од присутните гледачи во спортската сала „Борис Трајковски„, па ни од оние покрај малите екрани не веруваше дека на крајот сепак ќе се случи чудо и дека на крајот екипата на Куманово ќе победи. Се разбира во тоа веруваа само тренерот Луковиќ и играчите кои беа на паркетот и кои на крајот смогнаа сили да направат тотален пресврт и изненадување. Најефикасни кај Куманово беа Костоски со 28 и Димчевски со 25 поени додека пак кај екипата на Кожув, на која и преостанува само да жали за поразот Филиповиќ со 22 и Божовиќ и Пековиќ со 17 поени. Инаку во денешното финале кое се игра во спортската сала „Борис Трајковски„ во Скопје со почеток во 19.00 часот екипата на Куманово игра против минатогодишниот освојувач на Купот и актуелниот шампион на државата екипата на МЗТ Скопје.
Т.Д.