Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на Куманово загубија на вчерашниот натпревар против Пелистер со резултат 60-79, со што го забележаа 13.пораз оваа сезона во домашното првенство.
Фото: kfsm.mk
Тренерската смена не донесе резултат како што се очекуваше па во овој момент тренерот Владимир Мирковски ги загуби сите натпревари, од истите противници како и Игор Ѓорѓиевски додека беше тренер на клубот. Неофицијално отказот на Ѓорѓиевски му бил соопштен пред почетокот на натпреварот со Кожув, па единствено оваа сезона недостасуваше и Ѓорѓиевски да не се појави на тој натпревар.
Трите победи на Мирковски се против втората екипа на МЗТ Скопје и Феникс 2010 во кои настапуваат играчи од младинските погони и Ангели против кого Куманово победи и во првиот натпревар. Сепак, Феникс постигна одлични резултати и додатно ангажираше странци со кои ја напаѓа Супер-лигата и сега имаат 9 победи. Ангели се дигнаа од дното и со ангажманот на Боби Митев, помошниот тренер на Берлинска Алба, Банвит, Монако и Партизан Белград, даваат јасна порака дека нема да бидат лесен плен во борбата за опстанок.
Веројатно проблемот треба да го бараме и во селекцијата на кошаркари за оваа сезона која не даде никаков резултат. Американските интернационалци беа често менувани, а спас се побара со ангажирање на минатогодишните кошаркари, меѓутоа резултатот во двата случаи изостана. Финансиските проблеми кои ги имаше клубот и честите повреди влијаат во фаќањето на ритам на тимот.
Од најавите за борба на четири фронта, клубот веднаш испадна од Евро-натпреварите, беше исфрлен и суспендиран од регионалното натпрварување, не се квалификува за Купот и во домашното првенство се бори да го избегне дното на табелата.
Следниот натпревар Куманово го игра против Кожув на гостински терен.