МКК Куманово в недела го пречекува Работнички, последен натпревар на домашен терен оваа сезона
Кошаркарите на МКК Куманово в недела од 18 часот на домашен терен ќе го пречекаат Работнички во натпревар од плеј-аут лигата, во дуел што не носи резултатско значење, но сигурно е дополнителен мотив за кумановци.
Токму Работнички во последното коло од регуларниот дел ги урна надежите за „суперлигашка пролет“, откако во последниот дуел славеа со 76:72. Тој пораз го оттурна МКК Куманово од местата што водеа во Супер-лига, па неделниот меч веројатно носи и желба за реванш.
Кумановци, сепак, во овој натпревар влегуваат во подобро расположение, откако во последните две кола врзаа победи. Најпрво славеа на гости кај Чаир 2030 со 91:83, а потоа убедливо го совладаа Ангели со 96:77, со што направија важен чекор кон мирен финиш на сезоната во плеј-аут конкуренцијата.
И Работнички има свои сметки во овој дел од првенството. Скопскиот состав минатиот викенд загуби по продолжение на гостувањето кај Гостивар со 75:70, но потоа се врати со победа над Чаир 2030 од 94:83, па во Куманово доаѓа со намера да го продолжи добриот ритам во финишот од сезоната.
Првиот сезонски дуел меѓу овие две екипи заврши со победа на МКК Куманово од 82:77, што значи дека и двата тима веќе имаат по една победа во меѓусебните пресметки сезонава. Затоа и неделниот натпревар се очекува да донесе уште една неизвесна битка, овојпат во Плеј-аут дел од првенството, што е невообичаена слика за два тима кои низ годините редовно беа дел од битката за врвот.