Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
МЗТ Скопје Аеродром го совлада Кожув во Гевгелија со 93-89 со што ја забележа и четвртата победа во финалната серија, која му донесе втора титула по ред и втора воопшто во клупската историја.
Максимално изедначен натпревар од почетокот до крајот се играше во салата „26 Април“ во Гевгелија, каде Кожув успеваше во поголемиот дел од првото полувреме да одржи едноцифрено водство.
Мијајловиќ, Божовиќ и Пековиќ играа одлично во тој период од натпреварот, додека играта на МЗТ главно се темелеше на ударното трио Гечевски-Чековски-Стојановски.
Се играше со многу ротации и генерално кош-за-кош и во третиот период, каде Кожув сепак пред крајот успеа да стигне до девет поени разлика.
Но на почетокот на четвртата четвртина, Чековски погоди тројка, Бакиќ и Дејвис додадоа по една реализација и МЗТ се доближи на два поени негатива (66-64).
На нешто повеќе од шест минути до крајот следуваше подолга пауза поради инциденти на трибините, по кои салата беше испразнета, а по продолжувањето на средбата, Кожув поведе и со највисоки дотогаш, 10 поени (78-68).
Но тогаш, Борис Бакиќ погоди четири тројки во низа, Дамјан Стојановски додаде уште една при која му беше направен и прекршок за дополнително слободно и МЗТ направи пресврт во завршницата, кој со успешна реализација на слободни фрлања го задржа за победа од 93-89.
Дамјан Стојановски со 21 поен беше најпрецизен кај победникот, Тодор Гечевски додаде 17 поени и 7 скокови, Борис Бакиќ постигна 18 од кои 16 само во последната четвртина, додека дабл-дабл учинок имаше Ѓорѓи Чековски со 13 поени и 12 скокови. Кај Кожув, 24 поени реализираше Божовиќ, 22 додаде Пековиќ а двоцифрен беше и Мијајловиќ со 15 поени.
По завршувањето на средбата, центарот на МЗТ, Ѓорѓи Чековски беше избран за најкорисен играч (МВП) на финалната серија која МЗТ ја доби со 4-0.