Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЖРК Вардар СЦБТ ќе игра против бранителот на титулата ЖРК Металург во финалето од Купот на Македонија. Финалето ќе се одигра денеска со почеток во 17:15 часот во салата во Автокоманда.
Ова е очекувана разврска на настаните и очекуван дуел меѓу двете водечки екипи во македонскиот женски ракомет за престижниот пехар со кој завршува сезоната на домашна сцена.
ЖРК Вардар СЦБТ во полуфиналето го елиминира вториот тим од Автокоманда, РК Металург Скопје (32:9), а бранителките на титулата во вториот полуфинален меч денеска го победија РК Жито Прилеп со 37:21.
По освојувањето на шампионската титула, Вардарки со нов елан влегуваат во битката за титулата во Купот и за првата двојна круна. Избраничките на Индира Кастратовиќ сезонава се без пораз во натпреварите од домашниот шампионат и од Купот на Македонија и ќе се обидат да останат непоразени и во последниот меч и да ја заокружат сезоната со втора титула.
ЖРК Вардар СЦБТ има позитивен скор во дуелите со ЖРК Металург против кој годинава имаат три победи и еден нерешен резултат во Скопско супер лигата и два порази во Регионалната лига.
На два пати беше поуспешен од ЖРК Металург во финалето од плеј-офот за шампионската титула и има две победи по ред во последните два натпревари на гостински терен во Автокоманда.
Досега само три екипи ја освојувале титулата во ракометниот Куп на Македонија во женска конкуренција.
Најуспешен е Кометал со 16 титули, ЖРК Металург има три титули од последните три сезони, а ЖРК Вардар е со една титула освоена во 1994 година.