Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со победа над тимот на Астибо на домашен терен и конечен резултат од 30:22 Женскиот ракометен клуб (ЖРК) Куманово ја оствари својата прва победа од пет натпревари во плеј оф фазата од првенството.
Со тоа кумановскиот тим се искачи едно место погоре на табелата, моментално се на четвртата позиција со 3 бода.
ЖРК Куманово го отвори мечот со резултат 6:0 што навести дека нема да имаат поголеми пречки за совладување на ривалот. Со истата разлика од 6 гола, резултат 17:11 се замина и на полувреме. Во текот на целиот меч немаше поголеми превирања, во второто полувреме шанса за настап добија и резервните играчи, од двете екипи, но без промена на доминацијата на домаќинките.
Во екипата на ЖРК Куманово голманката Марија Јовановска имаше 11 одбрани, а Милa Мемов најдобрa со постигнати 6 гола. Со својот настап се издвојија и Марија Петреска со 5 погодоци, Сара Цветановска, Сузана Зечевиќ, Ангела Шехтанска и Росана Павлова со по 4 гола.
Плеј оф натпреварите започнаа кон крајот на минатата година, на првиот натпревар кумановки ремизираа против тимот на Вардар од Скопје. Во следните три гола, изгубија од Чаир, Металург Автокоманда и Ѓорче Петров.
Тимот на ЖРК Куманово го чека напорен викенд, и два натпревари. Во сабота на домашен терен, во салата на средното училиште Перо Наков ја пречекуваат екипата на ЖРК Вардар од Скопје. Во недела на 23 февруари ќе гостуваат во Скопје на екипата на ЖРК Ѓорче Петров.