Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Занаетчискиот дом во Куманово синоќа беше промовиран документарниот филм за ракометарката Јасмина Голубовиќ од авторот Марјан Стошевски.
Голубовиќ е истакната ракометарка која починала во 1989 година на 41 годишна возраст, додека живеела во Бар, Црна Гора.
Во спортската кариера постигнала извонредни успеси и рекордерка е по настапита за ДТВ "Партизан" од Куманово, со 10-годишно членство во клубот дала над 1600 голови. Само една година играла за тимот на МИК од Скопје, а значителни успеси постигнала за репрезентациите на Македонија и тогашна Југославија. Подоцна работела како наставник по историја и географија во училиштето во с. Драгоманце.
Во филмот 20-тина познавачи на нејзиниот живот зборуваат за нејзините училишни денови, семејството, одличните настапи на ракометните терени, како и за ангажманот како просветен работник.
Спортскиот новинар Стошевски на филмот работел 5 месеци.
„Благодарност до граѓаните кои дадоа поддршка, до сите соговорници кои се одѕваа да зборуваат за Јасе, како и сите други кои беа со нас додека го создававме делото“, изјави Стошевски.
Планирано е филмот да биде прикажан и во Бар, Црна Гора каде живее нејзиното семејство и сопругот Никола, кој дал свој придонес во креирањето на содржините од филмот, посебно во делот на приватниот живот.
О. Пешевска