Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ракометарите на македонскиот шампион Металург, утре со почеток во 17часот, во полскиот град Киелце, ќе го играат возвратниот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите против истоимениот полски првак.
Противникот има предност од првиот дуел по победата во Скопје од 27:25.
Ако Металург сака да биде дел од завршниот фајналфор во јуни во Келн, ќе мора да победи со повеќе од два гола разлика или, пак, може и со два, но да даде повеќе од 27 гола. При идентичен резултат, ќе следува продолжение од 2х5 минути.
На ова гостување Металург ќе настапи без повредените Миладин Козлина и Дамир Батиновиќ, кои останаа во Скопје.
Вечерва во 19 часот во „Блауграна“ во Барселона е шпанската пресметка меѓу шпанскиот првак Барселона и Атлетико Мадрид на нашиот Кирил Лазаров.
На првиот натпревар Атлетико победи со 25:20, а Лазаров и покрај повредата добиена на тој натпревар најави дека ќе настапи во реваншот. Во терминот од 16 часот денеска играат унгарски Веспрем и европскиот шампион Кил. Предност од еден гол од првиот натпревар има Кил (32:31 за Кил на првиот дуел). Утре покрај дуелот Киелце – Металург се игра и дуелот на германските екипи Хамбург и Флензбург. Хамбург е пред пласман на „Фајнл фор“ во Келн, бидејќи на првиот натпревар како гостин победи со 32:26.
Поуспешните од четвртфиналните натпревари ќе играат во Келн на завршниот турнир на 1 и на 2 јуни.