Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вечерва стартуваат натпреварите од првото коло во Супер лигата на кошаркарското првенство на Македонија.
Пласман во Супер лигата обезбедија петте најдобри екипи во првенството (Кожув, Лирија, Фени индустри, Куманово и Работнички), како и бранителот на титулата МЗТ Скопје Аеродром кој од оваа фаза се приклучува на натпреварите во домашното првенство.
Актуелниот првак, во првото коло, на домашен терен ќе го пречека Кожув. Инаку двата тима, го искористија преодниот рок за да направат одредени корекции, МЗТ ја раскина соработката со центарот Урош Николиќ, а на неговото место во екипата го врати Американецот Ноа Далман, кој минатата сезона имаше значаен придонес во освојувањето на првата двојна круна во историјата на клубот.
Кожув, исто така ја засили центарската линија, нов играч на овој тим е Златко Гоцевски кој во првиот дел од сезоната настапуваше за Струмица.
Фени индустри, во Кавадарци ќе го пречека Куманово. Фени, последниот ден од преодниот рок се засили со Јован Марковски кој пристигна од екипата на Тирана, тој ја комплетира документацијата и има право на настап на овој натпревар.
Екипата на Работнички на домашен терен за противник ќе ја има Лирија.
Дуелите Фени индустри-Куманово, односно Работнички-Лирија ќе започнат во 19 часот, половина час подоцна е закажан почетокот на дуелот помеѓу МЗТ и Кожув.