Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Деновиве многу луѓе ме сретнуваат и ме прашуваат што стана со кумановската кошарка. Како човек којшто 40 години е во овој спорт, прво како играч, а потоа како член на Управен одбор и претседател на клубот, сакам да дадам свое видување.
Притоа нема да зборувам за најголемите успеси на кумановската кошарка во 80-тите години на минатиот век, кога нашиот клуб под водство на тренерот Раде Георгиевски беше редовен член на Прва Б Југословенска лига и двапати играше квалификации за Прва А Југословенска лига, која во тоа време беше најдобра во Европа, туку ќе се осврнам на случувањата од поновото време. За Раце, како тренер ќе зборувам друг пат, затоа што за него не може се да се каже во 2-3 реченици.
Пред 16 години, кога на чело на градот дојде градоначалникот Зоран Дамјановски - Циц, ние поранешните кошаркари знаевме дека за кошарката во Куманово доаѓаат добри времиња. Циц, како љубител на кошарката и член на стручниот тим на Раце, за многу кратко време успеа да го крена КК Куманово на нозе. Тој можеби постави на клучните места свои и луѓе од партијата, но не ги заборави ни старите кошаркари. Тоа беше причина и поради која успесите почнаа да доаѓаат. Само за доброто на кошарката знаеше со нас да седи во спортската сала до раните утрински часови. Во негово време игравме две финалиња за шампион на Македонија, игравме финале на купот на Македонија, игравме финале на регионалната БИБЛ лига. Ни остана жал за неосвоената шампионската титула, но тогаш МЗТ Скопје беше државен проект и имаше над 850 илјади евра буџет, Карпош Соколи 500 илјади евра, Работнички и Еуро Никел 350 илјади евра, а нашиот највисок буџет во тие години беше 240 илјади, но нашата посветеност на овој клуб и нашата публика ги донесе тие успеси.
Со доаѓањето на Максим Димитриевски за градоначалник на Куманово почнаа да работат суетите. Новиот градоначалник кажа дека не е љубител на кошарката туку на боксот, но вистина е дека сите финансиски потреби на КК Куманово до денеска ги исполнува. Иако, беа од иста партија со Циц, дојдоа нови луѓе во клубот, па раководството на чело со Александар Крстевски - Крсто ги смени сите членови, дури и најдобриот докторски тандем во Македонија, докторот Александар Тушевски - Туше и физиотерапевтот Војо Ангеловски - Војче.
На почетокот се правдаа дека враќаа долгови, а се знае дека никаде не се остава чист клуб. Имаа пари затоа што се појавија ваучери каде што секоја година добиваа по 120 илјади евра од државата и плус средства од Градоначалникот, кој си ги исполнуваше своите обврски.
Првата година кошаркарите на Куманово беа шести во Супер-лигата со неславен рекорд од една победа и девет порази. Следната година, иако во време на пандемија и настап во мала сала од 50 гледачи, цело време се доведуваа американски и српски играчи, па за овие две години пројдоа некаде околу 40 странски кошаркари.
Оваа година Куманово го достигна дното. Првпат по возобновувањето на клубот по 20 години нема да учествуваме на Купот на Македонија. Сето ова не би било проблем да играат наши деца, кошаркари од младинската школа, па и да се испадне од Прва лига ништо не е страшно, ако се прави основа за иднината на клубот. Играчи се прават кога нема притисок од публиката, кога не се бориш за првите четири места и кога играш во мала сала.
Но, очигледно суетата беше поголема да се направи нешто поголемо и нон-стоп се доведуваа нови и нови странски играчи. Во моментот играат двајца Американци, двајца Срби, четворица играчи, коишто не се од Куманово и двајца кумановци, а на табелата сме десети од дванаесет тима. Клубот го водат и двајца тренера од Скопје.
Куманово секогаш имало добри тренери: Горан Димитријевиќ, Игор Михајловски и Страшо Тодоровиќ, кои се за класа подобри од половина тренери кои ги водат екипите во МКФ. Односот на клубот кон домашните тренери последен на свој грб го почуствува и Игор Ѓорѓиевски.
На Игор Михајловски кој двапати беше тренер на првиот тим на Куманово, прв тренер на Кожув од Гевгелија и помошник тренер на Марин Докузовски во Работнички, му било понудено да биде тренер во трета лига на КК Куманово - мизерен потег. Ако е точно дека управата на клубот зема финансиски средства, тое е голема срамота затоа што никогаш во мое време управата не зимала пари, туку - таа носела пари во клубот. Но, очигледно дека ова е ново време.
Оваа мое видување е пред се кошаркарско, а не политичко и партиско. Не сум член на ниту една партија. Само сакав да потенцирам како политиката може да ја подигне кошарката ако знаеш да работиш и како политиката ја уништува кошарката ако не знаеш да работиш.
На крајот сакам да ги потсетам сите љубители на кошарката во нашиот град со коментар на спортскиот коментатор Бранко Чупевски:
За ова се живее, за ова се работи, за ова постојат кошаркарите, тренерите и судиите. Почитувани гледачи на МРТ, во Куманово полна сала нигде дупче ни прозорче. Дланките се знојат доле којзнае како е горе.
Бане Јовановски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*