Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претседателот на Кошаркарскиот клуб Куманово, Виктор Божиновски, поднесе оставка на функцијата. Божиновски си оди од клубот затоа што смета дека го дал својот максимум во кошарката и дава простор на негово место да дојдат нови луѓе.
„Пред 7 години, кога го превземав раководењето со Кошаркарскиот клуб Куманово, се работеше за клуб кој после 9 години пауза во функционирањето и само една сезона одиграна во Втората кошаркарска лига беше шампион и стана нов член на елитното друштво во македонската кошарката. Во овие години, КК Куманово 2009 стана угледен и респектиран клуб, како на македонската, така и на меѓународната кошаркарска сцена. Во овој период КК Куманово 2009 два пати играше финале на Македонската кошаркарска лига, еднаш Финале на Купот на Македонија и еднаш Финале на Балканската БИБЛ лига, успеси кои заслужуваат почит. Секако, веројатно можеше и повеќе и подобро, но сепак од спортски и човечки аспект апсолутно сум задоволен од сите успеси во овие години.
Денес, после се ова, одлучив да поднесам ОСТАВКА од местото Претседател на КК Куманово 2009 од причина што сметам дека го дадов својот максимум на ова место и дека дојде време свој придонес во кошарката да дадат и некои нови ентузијасти во овој спорт. Во наредниот период оваа функција ќе ја извршува Младен Давидовиќ, досегашниот спортски директор на клубот.
На крајот, сакам да изразам благодарност на сите спонзори кои овие години го помагаа клубот и на главниот покровител на клубот Општина Куманово, - стои во оставката на Божиновски.