Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Раководството на женскиот ракометен клуб Куманово денеска одржа прес конференција на која ги сумираа резултатите од изминатата сезона и ги пренесоа плановите за следната сезона и настапот во Челенџ Купот.
Претседателот на клубот Бобан Пеовски ја оцени минатата сезона како успешна освојувајки ја четвртата позиција која им овозможи играње во Челенџ Купот.
Овој успех не обврзува сите нас во клубот и во наредниот период да работиме уште подобро и доколку ни дозволат можностите да постигнеме уште подобри резултати - изјави Пеовски.
Пеовски како главен проблем на ЖРК Куманово ги истакна финансиите смета дека ракометарките заслужуваат таква шанса. Потенцираше дека женскиот спорт воопшто, се повеќе се наоѓа на маргините на општеството.
Се наоѓаме на крстопат - се поставува прашањето дали ќе успееме да ги собереме неопходните финансиски средства кои се потребни конечно да одиграме меѓународен натпревар во нашата сала, пред наша публика, а не како порано поради немање на доволно средства да мораме Европските натпревари да ги играме на гостински терен - додаде Пеовски.
Тој потсети дека пред две години, ракометарките во истото натпреварување победиле против Мостар во првиот натпревар на гостински терен, меѓутоа вториот дуел кој се одиграл неколку дена подоцна доживеале пораз. Од ЖРК Куманово уверуваат дека доколку се играл тој натпревар во Куманово, веројатно би забележале победа и би стигнале далеку, бидејки Мостар до крајот на сезоната стигнал меѓу четирите најдобри екипи.
Во нашиот клуб општината има дадено само 5000 евра, што е мала сума за тим кој се наптреварува во најквалитетното домашно ракометно првенство. Општината за спортот има буџет од околу 300000 евра, а цифрата што ние ја добиваме во споредба со останатите екипи е смешна. Градоначалникот и Советот на општината ни имаат доста помогнато, меѓутоа за врвни резултати и успех на Европските натпревари ни треба и посериозен пристап, подготовки, тренинзи два пати дневно и стимулација за ракометарките за да можеме да очекуваме резултат. Ние имаме и приватни спонзори, меѓутоа со тие средства обезбедуваме само играње на натпреварите. Сите во клубот сметаме дека заслужуваме да ни се даде шанса да настапуваме, а за возврат ветуваме дека на вистински начин ќе го претставуваме градот и државата - вели Пеовски.
Ги повикуваме сите добронамерници, потенцијални спонзори во градот да помогнат и воедно да апелираме до челните луѓе во Општината, за кои веруваме дека овој пат ќе имаат „сенс“ и ќе ни излезат во пресрет со поголема подршка, односно очекуваме поправична поделба на финансиските средства предвидени од општинската програма за спорт - заклучи Пеовски.
Никица Кипријановски и Александар Јовановиќ се осврнаа на младинските школи кои исто така имаа успешни сезони зад себе. Пионерскиот тим на ЖРК Куманово ја освои втората позиција на табелата што е показател дека покрај првиот тим кој е составен од домашни ракометарки родени во Куманово, ЖРК Куманово има светла иднина.
Голем успех е второто место на пионерките на Куманово. Ако земеме во предвид дека Металург и Вардар црпат таленти од цела Македонија, а ние само од Куманово, второто место има поголема тежина. Круна на оваа генерација оваа сезона е пласман на меѓународен турнир во Црна Гора, каде што ќе играат екипи од Шведска, Србија и Црна Гора. Екипата поаѓа утре и се враќа за пет дена. - изјави Јовановиќ.