Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На синоќешниот протест на опозицијата, пратеничката Весна Бендевска и градоначалникот Зоран Дамјановски, повторија дека ќе ги бојкотираат локалните избори и побараа предвремени парламентарни избори.
Бендевска, смета дека 52 дена по “црниот понеделник“ државата е без темели и без демократија.Таа му порача на премиерот Никола Груевски дека во историјата нема политичар кој го победил својот народ и затоа му останале 54 часа да се свести и да ја реши политичката криза.
Куманово 52 дена кажува “не“ на владеењето на Груевски. Ние 52 дена немаме наши институции.Собрание на Република Македонија е собир на партиските војничиња на ВМРО - ДПМНЕ. Имаме избрани партиски судии кои судат согласно партиските статути на ВМРО - ДПМНЕ. немаме јавна професионална државна администрација. Без институции немаме земја, немаме држава, нема каде и за што да се избориме. 52 дена носат закони во кои никој не ги претставува 440.000 гласачи собрани околу Сојузот на иднината. За нив никој не гласа, нивниот глас не се слуша. Тие немаат свои претставници. Дајте да им порачаме, ја преминаа црвената линија - изјави Бендевска.
Таа порачува дека ако Груевски на 24 март направи еднопартиски локални избори тие ќе бидат нелегитимни.
Градоначалникот Дамјановски потсети на случувањата во парламентот кога беа исфрлени пратениците и новинарите за да го донесе буџетот без нив.
52 дена Куманово стои на барикадите и се бори за таа демократија. Јас сакам да му порачам на Груевски, избори без нас нема да има, тоа е дефинитивно. Што сакаш прави, колку сакаш зборувај дека нема да има вонредни избори. Не можеш во 21 век, во век кога Европа ги отвара вратите на сите земји, ти да ја затвориш Македонија во систем на Белорусија, Северна Кореја и некои други режими. Епа мајсторе ако не сакаш да бидеш диктатор, излези и покажи дека не си таков - повика Дамјановски.
Тој смета дека Груевски ги знае резултатите од анкетите и свесен е дека ја губи поддршката од народот.