Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Субвенционирањето на градскиот автобуски превоз во Куманово ќе продолжи во ноември и декември, односно до крајот на 2023 годината и ќе ја чини општината повеќе од еден милион евра. Одлуката на Советот беше усвоена со 18 гласови „за“, седум „против“ и четворица „воздржани“.
Советникот Миле Андоновски од Партија на пензионерите потсети дека општината одвојува пари за превозот, без издржана анализа какви се резултатите од оваа мерка.
„Моја дилема не е дали треба да има линиски превоз и тој да се субвеницонира, туку дали ние треба да дозволиме и дали смееме дури и во недостаток на основна контрола и увид во трошењето на парите на граѓаните да гласаме одлуки со кои нетранспарентно и незаконски се трошат буџетски средства на штета на граѓаните. Во овој проект сите бевме втурнати на инсистирање на градоначалникот без соодветна подготовка, без анализа и со многу дилеми. Се прави обид преку колективен орган да се легализира нерационално и неодговорно трошење на народните пари и нивно одлевање во приватни џебови, а за политичка промоција на поединци“, истакна советникот Андоновски.
Тој потенцираше дека за него ова е сомнителен проект, во кој се фрлени пари на сметка на нереализирани проекти од есенцијално значење на граѓаните. Истовремено не се подобрени услугите кои ги пружа општината и претпријатијата, не се изградени водоводни мрежи, не е изградена канализација, не се направени и реконтруирани улици кои ќе служат со децении.
„За една година се потрошени 1 милион евра, за наводни 13 илјади превезувања дневно, што не мора да значи дека се исто толку патници и тоа без никаков документ и доказ“, потенцираше Андоновски.
Според советникот Дарко Митевски идејата беше да се овозможи што поголем број граѓани да го користат јавниот превоз и тоа да им стане навика.
„Вработените од општината направија, во првата половина од октомври активна контрола да се види потребата на граѓаните и утврдија дека најголем број на патници се во оние автобуси од периферијата до центарот каде има поголем број населби, и особено од 6.30 до 10.30 и за назад од 12.30 до 16.30 часот бројот на корисници дури е и поголем од капацитетот тна автобусите“, потенцираше Митевски од „За наше Куманово“.