Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците во Советот на Општина Куманово на денешната седница донесоа одлука во најкус можен рок да се формира координативно тело, кое уште на следната седница ќе се произнесе за состојбата со сообраќајот во градот.
Исто така беа изгласани и неколку заклучоци, според кои треба локалната самоуправа да се ангажира за проширување на улиците каде има сообраќајни проблеми, автобуските постројки да бидат обележани со знаци и превозниците исклучиво тука да ги оставаат патниците, да се расчистат узурпираните тротоари, да се отстранат хаварисаните возила, да се постават лежечки полицајци и слично.
Претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски ја искритикува работата на полицијата и според него ако низ градот дневно има фреквенција на 10.000 возила, недозволиво е да се поднесуваат само 13 барања за прекршочни пријави. Тој нагласи дека сообраќајниот хаос е особено изразен на булеварите “Трета МУБ“, “Октомвриска револуција“, улиците “11 Октомври“ и “Гоце Делчев“.
Добивме граѓанска иницијатива со над 4000 потписи, кои бараат од нас решавање на сообраќајниот хаос. Жално е да се слушне кога најрелевантните субјекти се оградуваат. Јас најпрво би ја лоцирал одговорноста кај недоличното однесување на возачите и учесниците во сообраќајот, почнувајќи од пребрзото возење, па се до недозволено запирање и паркирање. Единствениот механизам за монопол на физичкото насилство го има МВР и за мене е неприфатливо дека полицијата не е надлежна да ги реши сообраќајните проблеми - изјави Димитриевски.
Началникот на СВР Куманово, Моме Јакимовски вели дека во изминатата 1,5 година откако тој е началник, има напредок во сузбивањето на прекршителите на сообраќајните правила и прописи, но сепак призна дека состојбата не е идеална.
- Важиме за една од поригорозните полициски станици во однос на другите градови. Прашањето ќе го реши Советот и службите во општината кога ќе се проектираат нови сообраќајници и кога булеварите што се изградени ќе добијат употребна дозвола, бидејќи сега немаат технички прием. Статистиката кажува дека патот е фактор за голем процент на сообраќајни незгоди, а во последниве три месеци само во три случаи фактор за настанување на сообраќајна несреќа е брзината.- рече началникот.
Од ВМРО - ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија ја поддржуваат граѓанската иницијатива и сметаат дека сообраќајниот хаос се создава со години, а локалната самоуправа не презема мерки.
Сите знаеме дека во Куманово отсекогаш локалната власта била од СДСМ. Структурите на СДСМ во поглед на решавањето на сообраќајниот метеж во Куманово многу малку преземаат, дури и кога имаа можности, а сега се оградуваат дека не можат тоа да го решат. Граѓаните го бирале градоначалникот да ги решава нивните пробеми, меѓутоа јас не гледам добра волја. Тој не е способен да го реши сообраќајниот хаос - вели Мирослав Стојановски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.
Градоначалникот Зоран Дамјановски, повтори дека локалната самоуправа нема надлежност да се справува со несовесните возачи и нагласи дека нема да помогне ниту едно сообраќајно решение ако не се поправи свеста кај возачите.
Ако вози со брзина од 150 км на час ни крстосница, тука ништо не помага. И во последната сообраќајка девојчињата се удрени со енорма брзина од 120 км на час. Имавме сообраќајки кај Спортска сала, кај Кам маркет на Октомвриска револуција. Неколку пати ги туркаа семафорите, жардињерите ги оштетуваат. Во Куманово владее најпримитивен начин на сообраќај - додаде Дамајновски.
Некогаш во Куманово имало само 6000 возила, а денеска нивната бројка е над 35.000.
Граѓаните кои што ставија потписи на иницијативата за решавање на сообраќајниот хаос, бараат да профункционираат семафорите кај Зелениот Пазар, пајак службата да работи поактивно, да се постават радари, сообраќајни знаци, да се обележат пешачките премини и друго.