Мени

Делови од Куманово повеќе од 16 часа без струја по невремето, од ЕВН велат дека интензивно работат на терен

22.07.2026 11:37 | KumanovoNews

Силното невреме што вчера го зафати Куманово и кумановско предизвика оштетувања и на дистрибутивната мрежа, поради што дел од корисниците останаа без електрична енергија.

Делови од Куманово повеќе од 16 часа без струја по невремето, од ЕВН велат дека интензивно работат на терен

Граѓаните се жалат дека на повеќе локации во градот, во приградските населби и во селата струја нема повеќе од 16 часа.

Од ЕВН информираат дека екипите на Електродистрибуција се мобилизирани и со засилено темпо работат на терен за отстранување на дефектите.

„Активностите ќе продолжат без прекин сѐ до целосно санирање на сите дефекти и нормализирање на состојбата“, соопштија од ЕВН.

Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, изјави дека за проблемот разговарала со претставници на ЕВН, кои ја информирале дека има голем број паднати бандери и оштетувања на далноводите, поради што ќе биде потребно извесно време за целосно отстранување на дефектите.

„Ми беше кажано дека нивните екипи цела ноќ биле на терен, а со работа продолжиле и утринава. Се работи на оспособување на мрежата за да се нормализира снабдувањето со електрична енергија во централното градско подрачје, каде што има поголеми оштетувања на електромрежата, пресечени кабли. Екипи се ангажирани и во приградските населби и селата за што побрзо да се санираат дефектите и да се воспостави редовно снабдување со електрична енергија“, изјави Сларидис Јаневска.

Таа додаде дека не се знае конечната бројка колку има паднати бандери и далноводи, но очекува дека во текот на денот ќе ја имаат и таа информација.