Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Православните христијани денеска го чествуваат празникот посветен на Св. Трифун, додека католиците Свети Валентин, празници посветени на виното и љубовта.
Лозарите се достојни на својата традиција и секоја година на 14 февруари, го одбележуваат празникот со закројување на лозови гранчиња , ритуал во кој веруваат дека ќе им помогне грозјето да биде благо а бочвите полни со вино. Свети Тифун, според преданијата, живеел во третиот век и се занимавал со чување гуски.Тој имал чудесна моќ да лекува голем број болести со молитви.
Се верува дека ја излекувал ќерката на римскиот цар Гордијан од некоја душевна болест. Царот богато го наградил, а Трифун богатството го поделил на сиромашните.
За време на владеењето на римскиот цар Дациј, Трифун бил мачен и откако не се откажал од христијанството бил убиен.Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро сушна и јалова.
Покрај православниот празник Свети Трифун, младите во Македонија се повеќе го одбележуваат Свети Валентин. Вечната тема опеана во песните, представена на фимското платно, најголемата болка и радост кај луѓето - љубовта е причина плус за славење на денешниот ден. Католичките верници го слават Свети Валентин - Денот на вљубените, празник што станува се попопуларен кај нас.
Легендата вели дека Свети Валентин живеел во Рим за време на императорот Клаудиј Втори, кој започнал и водел многу војни, при што имал тешкотии да собере војници.Вината за тоа ја нашол во брачниот и љубовниот живот на потенцијалните борци и затоа забранил склучување веридби и бракови.
Валентин, кој бил свештеник, и покрај строгата забрана ги венчавал вљубените. Поради тоа бил уапсен, мачен и убиен токму на 14 февруари 269 година од нашата ера. Два века подоцна е прогласен за светец.
Вљубените на овој ден си разменуваат љубовни пораки, подаруваат цвеќе, чоколади, кадифени мечиња и подароци во облик на срце, а излозите и продавниците се украсени со најразлични подароци во црвена боја.