Државно првенство во пливање за основни и средни училишта се одржа во Куманово
Во Куманово денеска започна Државното првенство во пливање за основни и средни училишта, во организација на Федерацијата за училишен спорт со поддршка од Министерството за спорт.

Учениците се натпреваруваа во пливање во женска и машка конкуренција, во дисциплините: слободен стил, делфин, градно и грбно пливање.
Првенството го отвори министерот за спорт Борко Ристовски, кој истакна дека ваквите првенства се дел од пошироката визија на Министерството за спорт – да се создадат современи услови за спортување на сите млади во Македонија.
„Нашата заложба е секое дете, секој млад човек во нашата држава, да има пристап до квалитетна спортска инфраструктура. Затоа инвестираме во изградба и реконструкција на спортски базени, игралишта и сали во сите региони. Спортот мора да биде достапен и безбеден, а тоа е можно само со модерни и функционални спортски објекти“, кажа Ристовски.
Министерството за спорт продолжува со спроведување на програмите за поддршка на училишниот спорт, како и со реализација на капиталните проекти за обновување на спортската инфраструктура, со цел да се поттикне здрав и активен начин на живот меѓу младите.
Пред спортистите се обрати и градоначалникот, Максим Димитриевски, кои им посака успешен настап на младите надежи, кои се иднината на македонскиот спорт.