Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Едно лице загина, а седуммина се повредени во две сообраќајни несреќи вчера попладне на патот Ранковце - Крива Паланка, во с.Градец, кривопаланечко.
Првата сообраќајка се случила во 13.45 часот кога патничко возило „фолксваген голф“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Б.С. (74) од Крива Паланка, излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Б.П. (80) од Крива Паланка и бил пренесен во Ургентен центар Куманово, каде што починал. Додека со телесни повреди се здобил возачот Б.С. и сопатникот М.П.(47) од Крива Паланка.
Втората несреќа била предизвикана во 17.40 часот на истото место додека траел увидот на полицико-судските екипи, кога влетал автомобил.
„Патничко возило „опел корса“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од Р.И. (71) од Крива Паланка, удрило во патничко возило „мерцедес“,сопственост на Јавното обвинителство Куманово и во четири полициски службеници кои биле на увидот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Ј.С.(59) од Крива Паланка, додека со телесни повреди се здобиле возачот на возилото „опел корса“, двајца полициски службеници и една полициска службеничка, констатирани во болницата во Куманово. Увид на местот на несреќите извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Куманово“, соопшти МВР.
Од обвинителството велат дека причината за втората сообраќајка, нејверојатно е неприлагодена брзина на патот.
„Најпрво автомобил ‘фолксваген голф’ излетал од патот и се превртел, при што животот го загубил еден од сопатниците во автомобилот. Неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди. Јавниот обвинител ги презеде сите дејствија за обезбедување на доказите и за испитување на причините за несреќата, а за починатиот е издадена наредба за обдукција. Но, додека на лице место се преземале дејствијата за увид, на обележаната локација влетал друг автомобил, кој најверојатно, според првичните сознанија, поради неприлагодена брзина удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници кои го вршеле увидот. Во сообраќајната несреќа потешко повредена е и сопатничката во автомобилот“, вели Обвинителството и додава дека јавниот обвинител ги испитуваа причините и за оваа несреќа.