Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Процесот на сликање и творење е лековито и ми ја исполнува душата. Уживам кога ќе застанам пред завршена слика и самата ќе се изненадам дека јас тоа сум го создала“, вели самоуката сликарка Живка Величковска, која вчера ја имаше првата самостојна изложба во Куманово.
Публиката имаше можност да види 40-тина слики, создадени во последните пет години.
Живка започнала да слика по пензионирањето во 2019 година, како начин за самоизразување, а паралелно работела на изработка на разни украсни предмети од глина, гипс, хартија, работи и во декупаж техника, како и рециклирање на парчиња мебел или покуќнина. Таа вели дека има материјал за уште најмалку две самостојни изложби- едната за презенатција на апстракција, втората за предмети од применета уметност.
Тема на нејзината изложба, насловена едноставно „Живе“ беше цвеќето, мотив кој и досега го користела, најмногу во декорација на торти. Уметничкото изразување за неа не е страно, тлеело во неа со години, иако во животот за професионална определба ја избрала економијата.
„Јас раснев и се образував во едно друго време, кога егзистенцијата беше императив за постарите, родителите, посебно за женско дете. Така и ме запишаа во средно економско училиште, со тоа би можела да бидам чиновник „кога ќе пораснам“. По инерција се запишав и на Економскиот факултет, иако желба ми беа политички или правни науки. Никогаш не сум помислила да се школувам на уметничка академија, и покрај талентот што го имав“, се потсетува Живка.
Како вработена сопруга и мајка, времето го исполнувала со домашни обрски, но како раснеле нејзините ќерки, почнала да наоѓа време за себе. Се обидела и со шиење, разни рачни работи, се занимавала и со козметичка дејност, но најмногу се истакнала во правењето на торти, кои биле мали ремек дела.
Сега, конечно донела одлука да го стави срцето над парите, и да се посвети на нешто што ја исполнува душата. Сликањето за неа е лековито, и ја исполнува душата и ѝ причинува неизмерно задоволство. Со сопствен пример сакала да ги инспирира сопствените деца, но и нејзини блиски роднини и пријатели, да бидат духовно а не само материјално задоволни.
Живка докажува дека возраста ниту образованието не се важни, и смета дека секој може да се изрази креативно- со сликање, рачна работа, пишување, пеење, само доколку сака и има талент.
Во разговорот го спомна татко и Панчо, од кога смета дека го наследила талентот. Тој нејзе и на помалата сестра им правел играчки од глина, кои ги печел и глазирал во „Циглана“, каде бил вработен. Ја научил да црта и слика, а во слободно време многу се занимавал со садење, одгледување, па и продажба на саксиски цвеќиња и растенија за во градина.
Смета дека ќерка и Магда, која дипломирала на графичка уметност и графички дизајн, ја инспирирала со она што го создавала низ годините, но никогаш не ја насочувала кога требала да го избера своето занимање. Секако дека е неизмерно горда што и го пренела генот и талентот за уметност, но среќна е што од ќерките Анита и Магда, и од внуката Бела има неизмерна поддршка и неисцрпна инспирација и воља за работа.
Живка Величковска не застанува со уметничката работа, црта и слика, и создава нови дела. Станува и легнува со мисли и слики за она што би сакала да го искаже. Се надева на топол прием кај публиката, иако она што го работи го прави само за своја душа, за сопствено задоволство.