Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На градоначалниците по завршувањето на нивниот мандат да им биде исплаќана плата од општинската каса во форма на апанажа, побарала од Владата Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Овој предлог за измена на Законот за платата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица, треба да биде анализиран од Министерството за труд и социјална политика.
Лично сметам дека ако апанажа користат пратеници кои се изберени на партиски листи, а не на референдумски тип на избори, тогаш поголем легитимитет имаа градоначалниците. Јас сум за тоа да биде уведена апанажата, од аспект што поголем број на градоначалниците се професионални политичари и многу често по завршување на мандатот се оставени сами на себе. Од таа позиција сметам дека иницијативата е добра и ќе исправи една неправда кон градоначалниците - изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
Тој вели дека од сегашната позиција не може да каже дали ќе користи апанажа, бидејќи има регулирано работно место во болницата, и по завршување на функцијата ќе се врати на професионалната кариера во матичната институција или во некоја друга здравствена установа.
Граѓаните сметаат дека градоначалниците уживаат доволно привилегии, па не им требаат уште.
Да бил добар, граѓаните ќе го гласале повторно. Сметам дека тие што се кандидираат се свесни за привилегиите, но и за ризикот што ја носи функцијата. Апанжа им треба на сиромашните, на здравствените домови, на градинките, училиштата - вели еден постар граѓанин.
Градоначалниците за време на мандатот, во согласност со начелата на неспоивост на функцијата, не смее да извршува други функции или дејности како избор или именувања, стручни или управни работи во државната управа, членство во управни одбори или претставник на државниот капитал во трговските друштва.