Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од два часа потрошија советниците на денешната 39-седница, по првата точка на дневен ред - Извештајот за реализација на Програмата за работа на Советот на Општината Куманово за минатата година.
На дневен ред биле 102 точки од важноост за граѓаните, а отчет во вид на извештаи за реализираното подготвени од страна на службите на општинската администрација има за 80 прашања. За десет точки од вториот или за седум од третиот квартал, на пример, ресорните стручни служби на локалната самоуправа немаат поднесено извештаи што речиси комплетната опозиција во Советот остро го искритикува и предизвика бројни реплики и контрареплики на седницата.
Стојам зад тоа што го сработевме во минатата година и задоволен сум од резултатите што ги постигнавме, а задоволен сум и од тоа што го има сработено администрацијата„ - ја заклучи расправата претседателот на Советот Виктор Цветковски, а заклучокот го аргументираше со неколку реализирани крупни проекти како што е успешната стратегија во образованието или четиријазиноста во Советот.
Успешноста Цветковски ја темели и на информации дека советите на повеќе други општини во државава се прилично под нивото на Куманово. Советниците од опозицијата Бобан Николовски, Глигор Манов, Бранко Цветков, Стефан Трајановски и Миле Јакимовски останаа на мислењето дека дел од администрацијата има потфрлено во работењето и дека градоначалникот Зоран Дамјановски треба да ги „построи„ одговорните шефови и да им укаже на пропустите. За нив неподнесувањето отчет во вид на извештаи во пишана форма за една третина од точките што биле на седниците на Советот е сериозно потфрлување на стручните служби.
На крајот Извештајот за минатата година е усвоен со 20 гласови за, 8 против и 2 глас воздржан со заклучок за укажување во писмена форма спрема недоволно ажурните административци.
Советникот Бобан Николовски од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Зоран Дамјановски на почетокот на седницата разменија неколку реплики околу наводното затајување на институцијата советнички прашања во писмена форма од страна на градоначалникот. Тој контрираше со одговор дека во минатата година формата е задоволена со најмалку 50 одговори од страна стручните служби на неговата администрација.