Мени

Граѓанските организации од Струмица на маргините на локалната демократија

15.11.2025 12:09 | KumanovoNews

Иако Струмица со години се вбројува меѓу најтранспарентните општини во државата, граѓанските организации сметаат дека нивната вклученост во креирањето на локалните политики во последните години е исклучително ниска, со селективен пристап, ограничени механизми за дијалог и недостаток на политичка волја, заради што се отстапува од реалните потреби на граѓаните, поради што донесените одлуки сè почесто не ги одразуваат реалните потреби и приоритети на граѓаните.

 

Граѓанските организации од Струмица на маргините на локалната демократија

Од друга страна, од општината тврдат дека граѓанскиот сектор е постојано консултиран, дека се вградуваат неговите идеи и потреби и дека во локалните политики и документи се вклучени потребите на различните заедници и целни групи. Претставници на Советот на општината, пак, признаваат дека граѓанското учество постепено се намалува, што резултира со недоволно инклузивни локални политики, недоверба помеѓу засегнатите страни и недостаток на знаење и капацитети кај дел од советниците. Сепак, и двете страни се согласуваат дека степенот на учество на граѓанскиот сектор е условен и од сензитивноста и отвореноста на градоначалникот.

Овие клучни наоди на анализата спроведена во август 2025 година во рамки на акцијата „Граѓански организации и локалните политики-Предизвици и можности“ на Организацијата на жени од Струмица, открива длабок јаз помеѓу перцепцијата на администрацијата и искуството на организациите врз одлуките што ги засегаат граѓаните. Тоа наведува на заклучок дека официјалната транспарентност не секогаш значи суштинска партиципативност, а институционалните механизми не гарантираат вистински дијалог, особено кога недостига доверба и политичка отвореност.

„Порано постоеше Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор (2015–2020) и активен Центар за поддршка на НВО, но денес недостасуваат стратешки документи и механизми што би овозможиле суштинска вклученост на организациите во локалното креирање политики и одлуки“, вели Ленче Христова, извршна директорка на ОЖ од Струмица.

Ставовите на седум граѓански организации вклучени во фокус групите, како и граѓаните кои учествуваа на јавната трибина на истата тема, потенцираат дека единствениот формален механизам за граѓанско учество се буџетските форуми во заедницата, кои, за жал, не овозможуваат суштинска дискусија, а приоритетите за гласање се однапред договорени.

Претставници на граѓанските организации не се вклучени ниту во работни групи за прашања од јавен интерес, а нема ни јавни консултации, заради што општинските развојни и буџетски документи недоволно ги одразуваат потребите на граѓаните.

„Како најголем предизвик е идентификуван недостатокот на волја од страна на досегашниот градоначалник за граѓанско вклучување во креирањето на општинските политики и програми, како и партиска поларизација и влијание на верски структури. Според граѓанското мислење, потребно е да се формирање координативно тело за соработка и ефективна двонасочна комуникација помеѓу граѓанските организации и општинските власти“, посочува Христова.

Од Општината, пак, уверуваат дека вклученоста на граѓанските организации е континуирана и суштинска, дека тие редовно се консултирани при изработка на стратегии и планови и дека се дел од различни советодавни тела како Советот за женско претприемништво и Локалниот економско-социјален совет. Но, интересно е што советниците, кои исто така се дел од локалната власт, посочуваат дека и тие не се доволно консултирани и вклучени во процесот на подготовка на развојните документи, што се одразува на нивата реалност и инклузивност. Сепак, и двете страни се согласни дека клучна улога во овој процес игра градоначалникот и неговата сензитивност и поддршка за успешно планирање и спроведување на локални политики со вклучување на сите засегнати страни.

„Вклученоста на граѓанските организации може да се подобри преку спроведување редовни месечни состаноци помеѓу граѓанскиот сектор и надлежните службеници, како и преку формирање тело за меѓусебна комуникација и соработка на општината, Советот и граѓанските организации. Ваквите мерки би овозможиле континуирана размена на информации, координирано планирање и зајакнување на дијалогот“, стои во заклучокот на анализата.

За да се подобри комуникацијата и соработката помеѓу локалната власт и граѓанскиот сектор, препораките опфаќаат и воведување двонасочна комуникација за навремено идентификување на потребите на заедницата, како и активно користење на експертизата на организациите при изработка на локални стратегии и планови. Понатаму, се укажува на потребата од функционални механизми за консултации, логистичка поддршка за граѓанските организации и дополнителна едукација на советниците и општинските службеници за ефективна соработка со граѓанскиот сектор.

Случајот на Струмица ја открива типичната состојба во која постојат формални механизми за учество, но се лишени од вистинска содржина. Анализата покажува спротивност помеѓу декларативната транспарентност и реалната инклузивност. Во таков амбиент, граѓанскиот сектор останува набљудувач, а не рамноправен актер во процесот на одлучување. Недостигот од политичка волја, персонализираното носење одлуки и слабата култура на консултација доведуваат до губење доверба.

За локалната демократија да стане суштинска, потребен е системски пристап со јасни правила, отворена комуникација и градење доверба. Само така Струмица може да премине од формална транспарентност кон вистинско партнерство и да го слушне гласот на своите граѓани.

Автор: Жаклина Цветковска

Прилогот е подготвен со поддршка од Европската Унија, во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“. Содржината е единствена одговорност на авторот, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.