×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Интервју со Дејвид Стоилковки: „Графити фест“ е светла точка во сивото Куманово

    13.06.2022 20:10 | Сузана Николиќ

    „Графити фест“ е единствена манифестација во Македонија, која неколку години наназад  дава нов лик на урбаниот простор во Куманово и ги оплеменува запуштените места,  отсликувајќи ја  душата на  уличната уметност и креативноста на младите.

    Интервју со Дејвид Стоилковки: „Графити фест“ е светла точка во сивото Куманово

    Овој фестивал е дело на неформална група на професори и локални уметници, кои преку Здружението за ликовна уметност „Форма“ станаа препознатливи по својата реакција на случувањата во заедницата и нивната идеја да покажат проактивност со која ќе ја пренесат пораката дека секој објект и простор заслужува „живот“. Предводници на оваа група млади ентузијасти се Младен Трендевски, Горан Стојанов, Дарко Трајковски и Дејвид Стоилковски, сите од Куманово, кои неодамна  по 4-ти пат го организираа „Графити фест“. Организаторите се повеќе од задоволни од 4-то издание на фестивалот,  кое ги надминало  нивните очекувања и покрај тоа што не доби поддршка од локалната самоуправа.

    Каква беше посетеноста на овој уличен фестивал и како реагираа граѓаните?

    Посетеноста беше фантастична, имаше луѓе низ целиот простор каде што се цртаа графитите и доста беше раздвижено. Посетителите  реагираа изненадувачки  позитивно и беа воодушевени од тоа како сме го средиле просторот и како сега изгледа, во однос на тоа  каков беше порано.

    Што предизвика најголемо внимание и најголемо воодушевување кај посетителите?

    Најмногу внимание и воодушевување предизвика самата организација и целиот настан во кој учествуваа цртачи, диџеи, а имаше и посебен штанд за цртање на патики. Разновидноста на стиловите на сите цртачи, дружбата на луѓето меѓу себе и убавото време предизвикаа голем интерес и дадоа посебено чувство на сплотеност и учество во една благородна акција.

    На фестивалот учествуваа 12 уметници од три држави. Има ли разлика во нивното сликање, на пример:  пристапот, начинот на работа, подготовката на подлогата, техниката, изразувањето... или тоа е универзално, а само стилот е различен?

    Единствено нешто што е заедничкото на сите 12 цртачи е подлогата која ја правевме во деновите претходно, затоа што сакавме сите да се споиме во едно, но со различен пристап, стил на изразување и начин на работа. Така, сите го работеа тоа по што се препознатливи и нашата идеја, всушност, беше да им оставиме слобода во изразувањето, бидејќи тоа е најбитното за еден цртач, уметник.

    Станавте препознатливи по вашите мурали во градот и во земјата.  Имате ли покани од странство, и колку се цени оваа уметност во развиените земји?

    Да, имаме работено поединечни проекти и во странство и сето тоа предизвикува позитивна реакција таму каде што сме се појавиле. Тоа, секако,  ни давало мотив и желба да продолжиме да работиме и во другите земји. Сепак, ретко има фестивали за графити и мурали во државите блиски до нашата, а ние сакаме акцентот  да го ставиме на работата во нашата држава, така да тука пробуваме да го отвориме тој видик за такви културни случувања.

    Вашите дела се галерија на отворено. Кога ќе добиете покана да оплемените некој простор, како избирате што ќе насликате? Се водите исклучиво од вашата инспирација, го работите тоа што ќе го побараат од Вас или правите проценка врз основа на околината, визуелно и естетски да се вклопи во просторот? 

    Најдобро нешто што може еден уметник да има е таа слобода на изразување,  односно да слика, да црта тоа што тој го сака и по што е препознатлив. Но, многу често кај нас е проблем  што луѓето кои не викаат да работиме,  сакаат нешто веќе видено некаде, дали на интернет, дали во живо. Ние се обидуваме и еве, се почесто ни успева, да ги наговориме да имаат нешто покреативно и автентично,  нешто наше што го нема никаде и што не е ничија копија.

    Кога ќе остават да работите по Ваш избор што најмогу сакате да сликате?

    Кога ќе ни ја дадат довербата го работиме она по што не препознаваат луѓето.  Тоа е фигурацијата и фотореалистичниот приказ на сцени од секојдневниот живот, како  и сцени што ние си ги замислуваме - повеќе скици измешани во една и линиско илустративните флора, фауна... Секако, и  графитите ,исто така, се целосна слобода за нас.

    Колку е скапо да се направи еден мурал и колку време ви е потребно?

     Нема стриктно толку и толку пари, туку зависи од големината на ѕидот и количината на материјали што треба да се набават.  Ако се работи за мурал во вистинска смисла, а тоа е, на пример, на цела фасада на една станбена зграда, треба и дигалка која  е доста скапа за еден таков подвиг. Времето,  пак,  е поврзано со сложеноста на скицата што се работи и големината на ѕидот. Значи,  нема ни точно време за кое можеме да кажеме дека е граница, некаде некогаш треба помалку , некаде повеќе денови, па од тоа зависи и цената.

    Проектот „Графити фест“ не доби финансиска поддршка од Општина Куманово, затоа што Здружението за ликовна уметност „Форма“ не достави комплетна документација на јавниот повик за финансирање на проекти од Програмата на културни манифестации за 2022 година, велат од Општина Куманово. Точно ли е тоа? Што ви недостасуваше од документацијата?

    Ако земеме предвид дека сите проекти со кои конкуриравме беа со иста документација и за сите  имавме се што беше наведено во повикот,  не знаеме што  е проблемот и зошто еден од нив беше  одобрен,  а останатите одбиени поради некомплетна документација. Мораме да нагласиме  дека и за тој проект што го одобрија, некако на "чесен"  начин,  мистериозно исчезнаа 53 000 денари од побараниот буџет.  За нивна жал,  нашето здружение е транспарентно и не сака да игра такви нечесни игри.  Ние тоа секако не го прифативме и не се сложивме да го работиме тој проект. Единствената вистина од објавата на Александар Крстевски од општината се имињата на проектите и неговото име, се друго е ноторна лага со која сака да го покрие својот срам на грбот на Општината.
    Исто така,  сакаме да додадеме дека во објавата во која се наведува дека  „Графити Фест“ е иницијатива на градоначалникот, нема ништо точно. Иницијативата не е негова или на било кој друг, туку исклучиво на неформалната група професори  локални уметници, така што никогаш не сме биле и никогаш нема да бидеме поврзани со политички работи.

    Имавте ли доволно средства за да го релизирате сето она што ви беше планирано?

    Да, да имавме средства. Најголема поддршка ни даде Mинистерството за култура и фирмите од Куманово но и од другите градови, Скопје, Битола. И голема благодарност до нашиот сограѓанин репрезентативниот голман Столе Димитриевски, кој не поддржа финансиски.

    Кои се плановите за „Графити фест“?

     „Графити фест“ ќе продолжи да биде традиција во нашиот град. Идната година ни е јубилејна и славиме 5 години како правиме нешто што го нема во цела Македонија и што е единствена светла точка во сивото Куманово. Но, затоа што го сакаме нашиот град ќе продолжиме да го разубавуваме и одржуваме. Кумановци  заслужуваат ваква културна манифестација, која што следната година се очекува да биде на едно повисоко ниво,  како што и доликува. Нашата идеја ќе трае и планираме  Куманово да стане галерија под отворено небо.