Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Готова е предлог програма за развој на североисточниот плански регион за период 2015 - 2019 година, која ќе се имплементира откако ќе ја усвои Советот на рамномерен регионален развој.
Во програмата акцент е ставен на неколку приоритети и тоа патна инфраструктура, економски развој, социјална заштита и социјални услуги, животна средина, туризам, образованието и рурален развој.
“Ние ќе се обидеме да аплицираме со проекти до ЕУ и други донатори, пред се во развој на руралните подрачја. Со тоа ќе се развива скоро целиот регион и ќе се намали миграцијата од помалите места кон Куманово. Оваа програма е петгодишна, пореална е од минатата и се надеваме на повеќе средства од Бирото за регионален развој, министерства и донатори. Центрите веќе се препознаени како точки на спојување во еден регион, а Европа препознава региони, а не општини и локални самоуправи“ - изјави Младен Протиќ, раководител на Центар за развој на североисточен плански регион.
Градоначалникот на општина Кратово, Мите Андоновски се надева дека ќе се подобри патната инфраструктура и ќе се заштити околината, што ќе придонесе за поголем развој на најнеразвиениот регион.
„За мене најважно е во наредниве четири години, преку оваа програма да го решиме проблемот со управување на цврстиот отпад, најпосле да се најдат средства да се направи регионална депонија или горилница на отпад во околината на Куманово. Конкретно за нашата општина превидена е изградба на многу локални патишта, до сите населени места, планински и рурални, изградба на водоводи, канализации во селските населби, поправка на училишта, спортска сала итн “ - рече Андоновски.
Директорот на Бирото за рамномерен регионален развој, Џемаил Ељмази вели дека североисточниот регион има најреална програма за развој.
„Догодина со буџетот се предвидена 2.200.000 евра за цела Македонија, додека североисточниот регион учествува со 18 отсто. Ние ќе финансираме проекти во висина од 220.000 евра за североисточиот регион. Свесни сме дека не се тоа многу пари, но горе - долу некои работи ќе се задоволат, било преку планскиот регион, или преку општините за развојни потреби“- кажа Ељмази.