Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќето кумановци Новата година ќе ја дочекаат во домашни услови, а сите имаат исти желби, 2013 година да донесе здравје, среќа, бериќет за Куманово и Македонија.
Зоран Дамјановски, градоначалник
Новата година ќе ја пречекам на Градскиот плоштад, како и предходните 7 години заедно со моите сограѓани. Во Новата година очекувам разврска на политичката состојба и Македонија да тргне на прав пат, да се гради демократско општество. Посакувам општината да се гради и развива како и во предходните години. Се надевам дека во новата година ќе ја добијам довербата на граѓаните уште еден мандат да го водам градот.
Мирослав Стојановски, претседател на ОК на ВМРО - ДПМНЕ Куманово
Новата година ќе ја дочекам во домашна атмосфера со семејството и блиските пријатели. Еуфорија нема многу. Последните години за дочек сум дома со потесниот круг, со најблиските. Во 2013 година очекувам да добиеме нов градоначалник од редовите на ВМРО - ДПМНЕ. Очекувам подобра економија, да заврши оваа криза, економијата да тргне со поголем раст на производството, и да влеземе во НАТО и ЕУ.
Горан Митевски, раководител на сектор за меѓународна соработка и евроинтеграции во Општина Куманово
Фамилијарно ќе ја дочекам Новата година, во семејна атмосфера. Години наназад е така, ќе одиме и на Градскиот плоштад. На личен план за 2013 година посакувам здравје, да се смири ситуацијата во Македонија, да прекинат овие лудории на власта за доброто на земјава и на Куманово.
Слаѓана Георгиевска, советник од ВМРО - ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово
Оваа година решив да ја поминам со домашните, со семејството, со син ми, ќерка ми. Другите години одев надвор од Македонија, а оваа година решив тука да бидам. Желбите ми се прво здравје, среќа, љубов, бериќет за сите.
Вера Лазаревска, раководител на сектор за инспекциски надзор во Општина Куманово
Ќе бидам во домашни услови. Така практикувам неколку години наназад. Имаме доста работни обврски и остануваме дома со најблиските. За 2013 година посакувам мир, во државата и во градот, да се смират тензиите, да имаме подобар живот, вработувања и така ќе бидеме задоволни. На себе си посакувам здравје, среќа, тоа е најважно.
Снежана Захариева, претседател на општинска организација на СДСМ Куманово
Ќе бидам дома со сопругот, децата ќе слават посебно со друштво. На прославата на плоштад ќе се придружам на кратко. За себе во Новата година посакувам да ме служи многу здравје, да имам време и разбирање за сите кои ми се драги. За Куманово да се развива како европски град, како што беше и досега. Да биде пример за мултиетнички град каде има толеранција.