×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кај и да си за Бадник дома да си

    06.01.2021 10:34 | KumanovoNews

    Кај и да си за Бадник дома да си, да си куснеш и пинеш со своите да си бидеш цела година буден од љубов, велат постарите кумановци за еден од најголемите христијански празници, Бадник. 

    Кај и да си за Бадник дома да си

    Бадниково гранче, вино, зелник, риба, костени, лепче со паричка, сарма и посен грав се работите коишто на Бадниковата вечер се наоѓаат на масите кај сите домаќини, навестувајќи го Христовото раѓање.

    Постарите кумановци со насмевка на лицето се сеќаваат како порано за нив масата била распослана слама на подот, на која ставале шарена черга и седнувале да јадат. Внатре, велат постарите, било многу топло, не дека имало толку многу дрвја за огрев, туку биле многу луѓе, па било потопло не само на телото, туку и на душата.

    „Откако ќе се собереме сите на трпезата, домаќинот веќе набавил бадниково гранче и влегува кажувајќи „Добро вечер домаќинке“, го поставува гранчето на сламата и сите кои се внатре, ги собуваат обувките од нозете без да ги допрат и дури тогаш чисти седнуваат на сламената трпеза“, - раскажува нашата соговорничка.

    Домаќинката „спретна“ веднаш го поставувала бадниковото јадење, а и не заборавала да направи „бисаги“-лепчиња за машките во вид на осмица и „кукли“-лепчиња за девојчињата во вид на кукли. Околу трпезата седеле сите и постари и помлади, а децата едвај чекале домаќинот да го подели лепчето со паричка. Кравајчето прво се кршело за Бога, па за куќата, за стоката и потоа за сите во куќата според возраста. Оној кој ќе ја добиел паричката се сметало дека ќе биде среќен и здрав  во текот на целата година и паричката секогаш требал да ја носи со себе.

    Во подоцнежните години, велат кумановци, започнало и празнувањето на сред село или на плоштадот во градот. Некој ќе направел повеќе помали лепчиња и кој ќе го земел лепчето со паричка станувал „кум“ на наредниот Бадник. За време на Бадниковата вечер тој палел голем огран на сред село, се собирало ракија од целото село, за јадење донесувал кој што имал и секогаш се викале „музиканти“. Селаните пред да поминат на својата мирна вечер, со оро ја испраќале измината година. На орото се сретнувале родници кои не се виделе низ текот на целата година, се запознавале млади момчиња со девојчиња, а помалите дечиња речиси секогаш сакале да се трчаат едни по други. Ако веел снег или било многу ладно, иако со премрзнати прсти, никој не се пуштал од орото, бидејќи внатре во душите им било мирно и топло.

    Вечерта завршувала тивко, како што и започнувала, сите најадени се повлекувале во својот дел од куќата и мирно си прикажувале додека јадењето цела ноќ престојувало на масата. Домаќините останувале будни цела ноќ, а се смета и дека во коренот на самиот збор Бадник се навестува будниот, Бадник-будник.

    (Ф.Марковска)