Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Предраг Гелевски (20) од Куманово загина, а Даниел Т.(25) и Роби М.(28) се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи претпладнето на магистралниот пат Куманово- Крива Паланка во близина на селото Младо Нагоричане.
Сообраќајката се случила 10.40 часот, кога патничко моторно возило „бмв„ со кој управувал Гелевски, директно се судрило со комби во кое се возеле двајцата повредени. Според првичните полициски информации, до несреќата дошло кога бемвето се движело кон Крива Паланка, и во еден момент изгубило контрола и удрило во заштитната ограда. При тоа се свртело неколку пати на коловозот и преминало на спротивната лента, кога на него налетало и удрило комбито кои се движело од спротивната насока. Од задобиените повреди возачот на колата починал во Кумановската болница. Истрагата треба да утврди дали се работи за неприлагодена брзина или лизгање на коловозот од дождливото време. Од силината на ударот бемвето е целосно уништено.
Жителите од околните куќи кажуваат дека слушнале кочење на автомобил и силен удар. Со возило кое наишло, повредените биле пренесени во болница. Увид на лице место извршија полициско-судски екипи, поради што сообраќајот на магистралниот пат беше во прекин неколку часа. Мештаните кажуваат дека за неколку години ова е четврта сообраќајка со жртва на истото место.