×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Коњски приказни

    17.01.2011 12:53 | KumanovoNews

    Имаше случај кога една невеста одби да се вози во ,,Мерцедес‘‘ од црквата до венчалното одделение во опшштинската зграда и  го побара пајтонот! Куманово некогаш бил пајтонџиски град.

    Коњски приказни

       Си мислам во умот, ако не е полицаецот Томица Накиќ од Долно којнаре, нашите деца не ќе знајат како изгледа коњ во живо. Што е работата?  Ми се јави минатиот петок мој роднина од Охрид и ме праша има ли коњи по селата во кумановско. Сакал да си купи убав коњ, а слушнал дека по нашите кумановски села врие од коњи! Му реков дека некој се пошегувал со него, но сепак ќе се распрашам. Патем, јас од коњи се разбирам како магаре од компјутер. Само знам дека последното масовно уништување на коњите се случи за време борбвените дејствија во липковскиот регион за време воениот конфликт во 2001 година. Инаку последен пат со коњ сум имал работа кога дома го имавме  нашиот стар и оќоравен Ацко. Како мало дете ме качи дедо ми на Ацка и ме донесе в град да учам. Во првите носталгични месеци во Куманово по родното село истагував и по нашиот Ацко. Но, нејсе. Станав во саботата претпладне и пеш - право на добиточниот пазар во Долно којнаре. Таму, коњ ни за лек. А богами, од сабота во сабота се‘ поретко може да се види и друг рогат или шут крупен добиток. Значи, политиката во сточарството навистина ни е за никаде, си мислам. Оддамна опустеа селата па од традиционалниот, екстензивен начин на сточарење кога вриеше од добиток, преминавме на интензивно фармерство, по американски и европски. Арно ама, благодарение на плиткото шиќарџиско политикантство на нашите влади, видовме што се случи со фармерите (,,Сведмилк‘‘ аферата и слично). Тоа со голо око се гледа и по добиточните пазари, особено на кумановскиот. Во саботата, наместо млечни крави, на секој чекор се продаваа апарати за молзење. И, така.

    Ај ќе одам кај мојот пријател Томица, си реков. Тој има куќа и крајкуќиште едно двеста метри погоре од Добиточниот пазар. Човекот е професионален полицаец и, патем, безмалку фанатичен поклоник на старата народна традиција и стил на живеење. Тоа е човекот со пајтонот што шета деца и секакви други намерници кои имаат мерак да се возат во пајтон. Колку чини тоа задоволство? Кој колку даде, вели Томица. Уздите на коњот ги  држи популарниот чичко Зарко, соседот на газда Томица. Работа има доста: се сликаат децата во пајтон или јавнати на понито ,,Софи‘‘ на шеталиштето покрај кејот, или кога им е роденден. Ромите речиси не го пропуштаат пајтонот кога ги сунетисуваат своите машки деца. Пајтонот не ретко е на услуга и при ванчавки и свадби. Имаше случај кога една невеста одби да се вози во ,,Мерцедес‘‘ од црквата до венчалното одделение во опшштинската зграда и  го побара пајтонот! Куманово некогаш бил пајтонџиски град. Сиромашните граѓани на времето си оделе пеш до железничката станица, но газдите и важните чиновници исклучиво се возеле во сопствен или изнајмен луксузен  пајтон. Како што е денес со такси-автомобилите.

    Времиња! - гласно размислува мојот пријател Томица. Тој има два пајтона, еден мал за деца и еден голем за возрасни. Во ергелата има три коња - понито ,,Софи‘‘, пастувот ,,Драго‘‘ и кобилата ,,Плива‘‘. ,, Драго‘‘ е донесен деновиве од Србија, поточно од  Ужице. Томица го платил 2.000 евра. Кобилата ,,Плива‘‘ потекнува од една ергела во Суботица. Што ти е бес! - би рекол некој. За коњ, две илјади евра. Не е бес туку мерак и љубов кон благородно животно како што е коњот, си мислам. Кога некој некому ќе рече глуп си како коњ нека не се лути бидејќи тоа е комплимент. Коњот е докажано благородно и паметно суштество - вели Томица. Инаку, неговиот двор е и вистинско царство на птици - од баналните кокошки, гуски и шатки до снежно бели гулаби и златни пауни. Во кафе муабетот и ,,коњските приказни‘‘ со овој занесен љубител на птиците и животните, не се ни обидов да го прашам за тоа каде може да си купи коњ мојот роднина од Охрид. Еве му прилика на интернет да ја прочита приказнава на Кумановоњуз и да си купи коњ во Ужице, на пример.  

                                Столе Божиновски