×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кравите од Пелинце заглавија во Кленике

    13.01.2011 16:38 | KumanovoNews

    Повеќе од еден месец  поради бирократски лавиринти во судските и ветеринарни служби во Врање и Бујановац, кравите не се враќаат на сопственикот.

    Кравите од Пелинце заглавија во Кленике

    Перица Спасовски од селото Пелинце повеќе од еден месец се обидува да го врати добиток што му го заплени српската гранична полиција. Неможејќи да се снајде во бирократските лавиринт, тој со сите документи безуспешно докажува пред судските и ветеринарни служби во Врање и Бујановац дека запленетите 9 крави не се шверцувани, туку негови, и ја преминале границата додека паселе во ридот зад куќата.

    Откако ми ги собраа кравите на 8 декември мината година, повеќе сум во Србија отколку дома.Од врата на врата, секој ден ме шетаат по институциите и никој не го решава случајот. Целата работа ја кочат две ветеринарни инспекторки кои постојано измислуваат дека ми се потребни нови документи, или дека некој друг е надлежен, а всушност тие не сакаат да се реши случајот, не знам од кои причини. Вчера последно што ми рекоа е дека Судот ќе одлучи дали ќе ми се варат кравите или не- раскажува Спасовски.

    Доколку му биде вратен добитокот ќе мора да плати околу 4000 евра за нивно сместување и храна во карантинот на Ветеринарната станица во селото Кленике. Цената секојдневно расте, бидејќи се смета по 100 евра на ден. Спасовски пред неколку дена отишол да ги види кравите, и вознемирен е од состојбата во која се наоѓаат.

    Жална беше сликата. Кравите едвај се живи, ослабени, исушени, запуштени, валкани едвај ги препознав.Тоа многу ме разочара и оттогаш не можам да се смирам, душата ме боли. Сета моја мака отиде во неповрат. Од 2001 година ги чувам, а сега незнам дали и воопшто да ги земам, ако морам за нив да платам толку пари - вели Спасовски со солзи во очите, додека ни ја покажува празната штала.

    За случајот со запленетиот добиток запознаени се МНР,претседателот, амбасадите во Белград и Скопје, полицијата, општината Старо Нагоричане, но Спасовски не е задоволен од нивната помош.

    Мислам дека државата не се ангажира доволно, штом не ми ги враќаат кравите. Вака сум препуштен сам да се борам. Ангажирав и адвокат само да ја докажам правдта, ама не сум сигурен дека ќе успеам во тоа- огорчен е Спасовски.

    Од МНР велат дека од нивна страна и од амбасадата во Белград преземени се сите мерки и биле известени надлежните институции во Србија, но понатаму немаат инструменти ниту надлежност да влијаат на српските судски власти во конечната одлука.

    Агонијата на Спасовски започнала на 8 декемри минатата година, кога вообичаено како секој ден ги пуштиле кравите да пасат зад куќата. Тие заминале во ридот, и наводно ја поминале српската граница, поради што ги собрала српската гранична полиција, мислејќи дека се шверцувани. Вредноста на добитокот е околу 10 илјади евра, а досега од нив се изгубени и над 3 тони млеко. Семејството е во безизлезна состојба и тагува по нивните миленички, бараат помош од надлежните бидејќи не се виновни што на 500 метри од нивната куќа се наоѓа државната граница.