Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Најчесто се ограбуваат куќите во населбата Тоде Мендол, каде домаќините се во странство, па крадците доаѓаат до богат плен
Се повеќе кражби на станови и куќи се регистрирани во послениве месеци. Цел на крадците најчесто се куќите во населбата Тоде Мендол, каде домаќините се во странство, па доаѓаат до богат плен. Најчесто се крадат пари, накит и техничка опрема, кои потоа можат да се препродат. Со цел да ги предупредат граѓаните на опасности кои ги демнат, од отсекот за превенција при СВР Куманово, денеска одржаа средба со претседателите на месните заедници. Полицајците ги советуваа граѓаните како да преземат превентивни мерки и со тоа да ги одвратат разбојниците.
Граѓаните да стават сигурносни врати и аларми доколку се во можност, а вредните предмети, пари, злато да ги скријат на сигурно место или да ги остават во банкарски сефови. Ние си носиме стари навики, ама сега времињата се други. Крадците во куќите се задржуваат 10 до 15 минути за да некој не ги види. Да ги сокриеме работите малку подобро, да им ја отежнеме работата. Во куќа има повеќе можности да се сокријат пари и злато. Ниту еден крадец не оди во подрум или помошна просторија. Може да се стави алармен систем поврзан со мобилен - рекоа од отсек за превенција.
При тоа ги предупредија пензионерите да бидат повнимателни кога подигаат пензија од банкомат, бидејќи крадците ги следат и при прва прилика ги ограбуваат. Граѓаните да внимаваат каде ги оставаат велосипедите, а жените да внимаваат на чантите и паричниците.
Од месните заедници побараа полицијата почесто да биде на терен и со тоа ќе има поголем увид во проблемите на граѓаните.
Доволно е еднаш во два дена да поминат по улица и да имаат контакт со месното население. Јас ако знам нешто ќе пријавам, ако видам нешто сомнително, ама има стари луѓе кои не знаат каде да се обратат. Полицијата треба да биде поактивна на терен. Кај мене само ако се степа некој доаѓа полиција - изјави Аце Петковски, претседател на месна заедница Проевце.
Од отсекот за превенција апелираа граѓаните со поголема свесност да помогнат за намалувањето на кражбите или ако забележат нешто сомнително во својата околина да повикаат полиција.