Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во завршна фаза се активностите за изградба на нов парк на просторот кај комплексот згради до зелениот пазар во Крива Паланка.
Паркот ќе биде со вкупна површина околу 2.000 метри квадратни, а граѓаните ќе добијат модерно, урбано зелено катче што ќе го облагороди, раззелени и разубави просторот што со децении бил неискористен и нефункционален.
Проектот „Паркови“ се реализира во соработка со Општина Дупница од Република Бугарија, а во паркот ќе се инвестираат близу 240.000 евра од вкупно 388.000 евра одобрени за Крива Паланка за прекугранична соработка.
Во рамки на „Паркови“ освен хортикултурните содржини, ќе се изработи и зелен катастар, поставени се и сензори за мерење на квалитетот на воздухот во Крива Паланка, а ќе се организираат и „Зелени денови во регионот“ за размена на искуства и обука за локалното население од двете општини во насока на зајакнување на еколошката свест.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински вчера престојуваше во Крива Паланка, каде се сретна со градоначалникот Сашко Митовски, и изврши увид во тековните градежни активности поврзани со проектот „Паркови“.
„Со проектот „Паркови“, се инвестираат 388.000 евра, а општината добива нов урбан зелен парк на површина од 1.800 м2 со хортикултурни содржини. Меѓу првите општини сме што работат на зелен катастар во рамки на проектот, поставен е сензор за мерење квалитет на воздух“, рече Митовски.
Министерот Пирински ја истакнаа важноста на регионалната соработка преку ИПА програмите, кои имаат директен позитивен ефект на животните услови на граѓаните и за развојот на поодржливи и еколошки свесни заедници.
„Концептот на „зелена инфраструктура“ е релативно нов и затоа посветуваме особено внимание на неговото промовирање и вложуваме во решенија кои подоцна може да се реплицираат“, посочи Перински.
На средбата, било разговарано и за тековните проекти на општината и за реформскиот процес на Законот за локална самоуправа кој ќе донесе значајни придобивки за општините и за граѓаните.
Министерот Пирински ја нагласил и поддршката на Владата за реализација на инфраструктурни проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата во општините, а како пример за тоа, бил спомнат проектот за поставување монтажна катна гаража во Крива Паланка, која ќе го реши проблемот со паркирањето во централното градско подрачје.
На вториот владин повик, Општина Крива Паланка поднела пет апликации за подобрување на инфраструктурата.
Никола Митовски
(Фото: Општина Крива Паланка)