Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере, на кој деновиве му истекува мандатот, ја прими плакетата од градоначалникот Зоран Дамјановски, како гостин на манифестацијата „Чваркијада„ што се одржа во негова чест во рекративниот центар во Пелинце.
Фуере на прошталната средба се заблагодари за гостопримството и вети дека нема да ја заборави државата каде што помина 4 години.
Почестен сум од признанието што ми го врачи градоначалникот во име на градот. Задоволен сум што бев дел од градот, кој игра битна улога во процесот на децентрализација. Ова што денеска се случува е уште еден пример дека Куманово е многу значајна Општина, која придонесува за зачувувањето на традицијата. Со сигурност тврдам дека ќе се вратам во Македонија како пензионер во блиска иднина-рече евроамбасадорот.
Домаќинот градоначалникот Дамјановски се заблагодари за сета помош и подршка во името на своите граѓани.
„Големо задоволство и чест ми е лично и на локалната самоуправа на Куманово што денеска имаме прилика на ваков начин да му се заблагодариме на големиот пријател на Македонија Ерван Фуере, за се‘ што во текот на неговиот мандат го направи на патот за нашите евроинтеграции. Тој со своето присуство и со начинот на комуникации со луѓето стекна доверба и искрени пријатели не само на ниво на државата, туку и во локалните средини, па во тој склоп и во Куманово. Многу ми е драго што од Македонија ќе си замине со чувството дека за пријател го има и Куманово, и со вкус на специјалитетите што во овој автентичен амбиент му ги приредуваме денес„ - изјави градоначалникот Дамјановски.
Инаку, со свое присуство третата по ред „Чваркијада„ во прекрасниот амбиент на Центарот во Пелинце ја испочитуваа и амбасадори на неколку земји од бившојугословенските простори, политичари, културни и јавни работници од Куманово и Скопје, естрадни уметници и други. На платото пред репрезентативниот ресторан гостите имаа пријатна можност да се служат со традиционалните кумановски специјалитети од свинско месо, на прво место со прочуените „чварки„ .Присутните за цело време ги забавуваа КУД „Панче Пешев„ со концерт на изворни македонски песни и ора, како и естрадните пеачи Наум Петрески, Нино Величковски, музичката група „Кумановски тамбураши„ и други.
Првпат присуствувам на ваква манифестација во Куманово, но вакви слични манифестации се организираат во Србија и затоа пријатно се чувствувам.Тоа само покажува за блискоста на нашите народи, традицијата и обичаите, заедничко минато, сегашноста и иднината- рече амбасадорот на Србија Томислав Ѓурин.