Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска, се сретнавме со неколкумина случајни минувачи - наши сограѓани на кои во името на kumanovonews им ја честитавме Новата година и Божиќ и им го поставивме вообичаеното прашање што очекуваат во Новата 2011.
Генерално, граѓаните не се задоволни од собитијата на општ и на личен план во изминатата година и, вообичаено посакуваат, оваа година, ако не подобра барем да не биде полоша од минатата.
Милош Тасевски, како средновечен човек минатата година ќе ја памети како мошне турбулентна и обременета со премногу трка по пари и луксуз.
„Да не се повтори ланската година преполна со манифестации на општо незадоволство на граѓаните. Како поранешен работник останат без рабоно место во големо трговско претпријатие знам како им е на стечајците и на сите граѓаните без работа, па им посакувам повеќе среќа и разбирање од политичарите и бизнисмените кои треба да се свртат и кон отворање работни места за младите без работа. Ме радува што Куманово прилично успешно напредува во комуналната изградба и уредување, а ме разочарува тоа што толку голем број млади кумановци заминуват на печалба во странство, особено на ризични подрачја како што е Авганистан или Ирак„.
Најпотребна ни е среќата, а потоа здравјето, љубовта и парите. Минатата година помина во знакот на глобалната економска криза, која се чувствува и кај нас, па се надевам дека оваа 2011, барем малку ќе биде подобра во однос на животниот стандард. Вака е тешко - вели Сашо С.(32) од Куманово.
Покрај вообичаените здравје и среќа, јас посакувам во оваа година маж ми да замине во Авганистан, бидејќи само така го гледам излезот од кризата. Двајцата сме невработени, а имаме две деца на училиште. Живееме од пензиите на нашите родители - вели Гордана Р. (37).
Стојадин С.(80) вели:
Задоволен сум од тоа што минатата година можеше да биде и полоша и што некако ја претуркавме живи и здрави. Посакувам нашите деца никогаш да не доживеат лоши години какви што јас паметам. И нека научат дека здравјето е нешто најдоббро и најскапоцено, а пари ќе се најдат!