Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце,граѓаните на Куманово ја прославија 66 годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 107 годишнината од Илинденското востание.
На прославата присуствуваше претседателот Ѓорѓе Иванов, а венци и свежо цвеќе положија и делегации од власта, опозицијата, борци, амбасадори, локалните самоуправи и невладини организации.
Во празничниот говор претседателот Иванов потсети на историските моменти на создавањето на македонската држава: од Илинденското востание преку АСНОМ до 8 септември 1991 година, кога се создаде независна и суверена Република Македонија.При тоа се задржа и на проблемот на името со јужниот сосед и актуелните политички случувања во земјата.
Македонија и Македонците се реалност на Балканот и дел од Европа кон која природно припаѓаат и ја жевеат идејата за обединета Европа како отворен простор на демократија и почитување на човековите права, и каде секој со себе ќе го носи својот идентитет. Затоа апелирам Грција да прифати дека ние постоиме и ќе постоиме како нивни искрени соседи и пријатели- рече претседателот Иванов.
Македонска делегација годинава не замина во манастирот Св. Прохор Пчињски, каде што беше одржано Првото заседание на АСНОМ.
На прославата во Пелинце најмногу посетители имаше од Куманово, кои традиционално го запоседнаа паркот и просторот околу реката Пчиња и со скара и музика го прославија 2 август.
Секоја година доаѓаме и навистина е убаво. Дојдовме порано за да најдеме место, ама оваа година нема толку гужва. Кога ќе си заминат политичарите и полицијата, тогаш ќе почне вистинската забава- вели еден од излетниците.