Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дефектолози, психолози и стручни служби од кумановските училишта и градинките заедно со претставници на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Македонија ќе се вклучат во проект за воспоставување на системски услуги за рана интервенција за деца со развојни задоцнувања и/или попреченост.
Целта е да се направи еден стандардизиран модел за развој на услугите - рана интервенција за деца од 0 до 6 годишна возраст, кој ќе се применува во целата држава и ќе ги подобри условите за работа со децата.
„Планот е до крајот на годината да се испитаат потребите и знаењета на стручните лица, а потоа сите заедно да дефинираме еден најдобар систем кој ќе може да се имплементира во државата. Се работи за трансдисциплинарен модел, кој нема да вклучува само едукатори, туку да се формираат тимови составени од лекар, психолог, социјален работник, специјален едукатор, физиотерапевт, логопед, но сите тие да знаат како да пристапат на таа рана возраст и како да пружат помош“, вели Горан Петрушев, претседател на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори.
Во Македонија нема развиен таков систем, нема протоколи и стандард за рана интервенција, па секој кој е вклучен во овој процес работи според тоа како учел на факултет, од разни обуки или сопствено искуство. Затоа е неопходна национална стратегијата за сите во државата да работат исто и да се подигне квалитетот на услугите што го добиваат децата. Тоа ни законски не е регулирано, и засега е како дел од здравствениот систем или во рамките на социјалната заштита.
Проектот за почеток ќе стартува во кумановскиот и штипскиот регион, а подоцна да се рашири и низ другите региони.
„Ќе разговараме со стручните служби на училишните установи и невладиниот сектор за да видиме какви се можностите на Општина Куманово и Североисточниот регион за восопставување на овие услуги. Веќе имаме еден нацрт модел направен врз основа на современи европски системи. Системот поддржува семејно ориентиран пристап што е главната цел – услугите да се пружаат од најмала возраст во домот, а стручните лица заедно со родителите да работат со децата. По првите 3 години веќе да доаѓаат во центрите за рехабилитација или детските градинки каде ќе има развојни услови“, потенцира Петрушев.
Планирано е протоколот за рана интервенција да е ист, но со различни стратегии за работа во зависност од тоа дали се работи за телесна инвалидност, развојно нарушување или аутизам итн. Протоколот ќе подразбира каде да се обрати прво родителот, да се тргне уште од родилиштата и да се трасира патот до советувалиштата и до образовните институции.
Во Куманово со помош на Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) и Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори, во просториите на „Вук Караџиќ“ отворен е регионален центар за проценка на способностите на учениците.
„Во општинските основни училишта се евидентирани 169 ученици со попреченост, со наод и мислење и околу 270 ученици кои се сметаат дека се со потешкотии во наставниот процес“, изјави Александар Јовановиќ, раковотиел на Секторот образовани на Општина Куманово.
Проектот е поддржан од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука. Домаќин на денешната средба беше е Секторот за образование при Општина Куманово.