×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Лиде Стојановска: Моите туристи нема да ги заборават македонското оро и песни

    27.09.2024 07:39 | Жаклина Цветковска

    Младата Лиде Стојановска од Кратово е препознатлив лик во туристичката фела како една од најактивните и најпопуларните туристички водичи во земјата и регионот, која е барана од  туристичките агенции и од туристите.

    Лиде Стојановска: Моите туристи нема да ги заборават македонското оро и песни

     Таа го поврзува најдоброто од македонската традиција и современите туристички трендови, што е доказ дека со вистинска љубов кон професијата и бескрајна посветеност прави незаборавно доживување од  секоја патувачка авантура.

    Мотивирана од својот татко, кој ја поттикнал да положи за туристички водич поради нејзиното познавање на три странски јазици и неискористените  туристички потенцијали со кои изобилува Кратово, Лиде започнува нова етапа во својата кариера. Одлучува да ги искористи своите знаења и искуства од различните професии за да ги направи туристичките патувања незаборавни и да создава несекојдневни искуства за своите туристи. 

    Во најголем дел работи како локален водич во Македонија и како тур – лидер низ Балканот: во Црна Гора, БиХ, Албанија, Хрватска , Грција, Србија и Косово, а води туристички тури на англиски, шпански и француски јазик.

     

    „Положив за водич во 2012 година и веќе 12 години работам во оваа бранша. На почетокот, паралелно работев уште три други работи- бев новинарка и презентерка на вести во регионалната телевизија ,,Сител 2”, професорка по англиски јазик, како и стручен соработник во Занаетчиска комора. Во 2021 година се посветив целосно на туризмот“, раскажува за своите почетоци младата туристичка водичка. 

    Не  се сложува со мислењето дека туристичките водичи се главно мажи, а исто така забележува дека и странските туристи, кои се повеќе фокусирани на еднаквоста на жените, доверба даваат  на оној што ќе понуди  подобар квалитет на услугата.  За неа, професијата не е поврзана со пол, туку со страст и професионализам. 

    „Веројатно има повеќе машки водичи за патувања низ повеќе држави, но како локални туристички водичи има и голем број жени. Сметам дека најмногу успеав да се пробијам во туристичкиот сектор затоа што понудив повеќе јазици, а не само англискиот. Најмногу се пробив со шпанскиот јазик , кој го зборувам повеќе во текот на годината, отколку македонски јазик . Велат дека сонуваме само на мајчиниот јазик- е јас почнав да сонувам и да зборувам во сон на шпански јазик. Сега почнав поактивно да го користам и францускиот јазик“, објаснува Стојановска.

    Како што вели самата оваа работа е предизвик, без оглед на полот. Почнувајќи од постојаното патувањето во различни делови на Европа цела сезона,  до исполнување на барања, желби, поплаки, информации... за што навистина е потребно трпение. И иако  туристите се обично двојно постари од неа, кон нив  се однесува како да им е мајка, се грижи да јадат, да не загубат нешто, да не паднат и слично.

    „Замислете, седнувате на вечера и ви доаѓаат еден по еден  10 луѓе да ве прашаат нешто. Ми се јавувале во 22 часот затоа што чадорот го заборавиле во претходниот  хотел во друга држава, па на некој не му работел телевизорот и дали може да му се јавам на возачот кој не зборува англиски јазик за да им го даде неговиот телевизор, кој патем треба да го отшрафи од  ѕидот. Сум викала брза помош, сум била во полиција во Скопје со турист кој си го оставил телефонот со личната карта , која му е единствен документ, кај  Камениот  мост во Скопје... Се случуваат многу вакви и слични ситуации, но  не ги постирам на социјалните мрежи, па луѓето стекнуваат впечаток дека мојата работа е лесна и само се ужива и патува“, раскажува Лиде. 

    Како туристичка водичка, таа не само што ја претставува Македонија на најдобриот начин, туку се истакнува и со својот уникатен пристап. Тоа вклучува и анимација на туристите, со кои создава и врски , така што ги паметат нејзините тури како незаборавно патување во една од најубавите земји на Балканот.

    „Им пејам на групите, ги учам да играат македонско оро, им рецитирам поезија, им праќам македонска музика. Македонското оро нема никогаш да го заборават, секогаш ќе се сеќаваат дека некој водич, таму некаде во Македонија - во Саат кулата во Кратово, во пештерата Врело, во Античкиот театар или во Света Софија во Охрид, во Хераклеа, покрај Вардар... им ги  пеел ,,Која мома да пишемо на кравајчето, ,,Македонско девојче”, ,,Море сокол пие”, ,,Битола мој роден крај”,  или кога им пејам ,,Коледе-леде” во Етнолошкиот музеј. Интересните приказни, легенди, преданија, нема да ги заборават. Тоа се некои од специфичните техники и методи кои ги користам“, вели исклучително харизматичната Лиде. 

    Иако, најпосетени места од странските туристи се Скопје и Охрид, таа постојано се обидува да ги промовира и другите места од Македонија, а пред се нејзиното убаво Кратово, музејот под отворено небо како што го нарекуваат. Дури и магистерскиот  труд што го одбранила на  Институтот за фолклор ,,Марко Цепенков” во Скопје бил посветен на  потенцијалите на етно-туризмот во Кратово. 

    „Имам едни интересни карти кои прикажуваат 54 места и нешта од Македонија - цркви, манастири, природни знаменитости, археолошки локалитети, градови… и им ги пуштам во автобус да ги гледаат.  Носам и мини-албум од Кратово со повеќе сликички и секогаш кога имам можност им го давам на туристите да го видат и им зборувам за моето Кратово и неговото културно- историско наследство и богатство“, искрена е Стојановска.

    За едно од најзначајните достигнувања во нејзината кариера го смета  тоа што досега нема ниту една жалба од туристите, што е одраз на нејзината посветеност и врвна услуга, иако работела со најразлични групи.

    „Најопуштени се посетителите од Јужна Америка особено Мексиканците, а „најзахтевни“ можеби се муслиманските групи, на пример од Малезија, кои  бараат џамија за молитва секој ден. Но, сите туристи се имресионирани од се: од храната до културно-историското и природно богатство,  од Охридското Езеро до Камените кукли и средновекновните кули во Кратово, Кокино, не можат да поверуваат дека толку малку знаеле за нашата држава и дека е толку убава“, го споделува своето искуство Стојановска.

    Она што ја прави посебна е и тоа што останува во контакт со туристите. Вели дека речиси секогаш прави  група на Whatsup со туристите со кои патува и не ги брише никогаш.

     „Изброив отприлика 30-ина групи што значи дека минимум толку групи имам водено на балкански тури во последниве 3 години, а тоа се илјадници луѓе. Индивидуалните тури за поединци и турите за групи како локален водич низ Македонија, пак, воопшто не ги бројам, но речиси со сите барем една фотографија имам на фејсбук страницата Tourist Guide Kratovo“, вели Лиде. 

    Иако максимално посветена на својата работа која ја работи со љубов и задоволство, признава дека не секогаш е лесно да се балансира професионалниот и личниот живот. Постојано е во движење, на пат , со ретки моменти на одмор.

    „Реално е напорно. Некогаш и сама се чудам од каде наоѓам енергија. Сакам да бидам и дома, а тоа е можно во зима кога речиси сум во ,,хибернација”, имам  само со по неколку локални тури во месецот . Сега една од моите најдобри другарки ми вика ,,Ајде враќај се да излеземе малку“, а јас не знам што да и кажам кога едниствени излегувања во сезона ми се на вечера со групата во Дебар маало во Скопје. Друга ми вика: ,,Кога ќе си слободна?”, - „Во ноември“ и викам , а ме прашува во јуни“ , споделува  Стојановска.  

    На сите млади жени што сакаат да се занимаваат со оваа професија,  таа им порачува да бидат  подготвени дека не сите блиски ќе можат да го прифатат тој стил на живот.За среќа таа ја има поддршката од своето семејство, како и од нејзиното момче и неговото семејство за што им е многу благодарна. 

    Нејзиниот татко  Гоце, новинар во пензија, го има напишано првиот туристички водич за Кратово, заедно со уште двајца автори, уште во 2005 година. Сестра и Марија завршила Факултет за туризам и од 2020 има лиценца и активно работи како локален туристички водич во Скопје и Североисточниот регион. Единствено мајка и Блага не е во туризмот, таа е одделенски наставник,  но затоа најмногу се радува на сите нејзини успешни тури. 

    Како професионалец во туристичката индустрија Лиде верува дека Македонија има огромен потенцијал за туризам, но потребни се поголеми инвестиции и подобра инфраструктура за да се искористи целосно.

    „Промени кои сакам да ги видам е Македонија и Кратово полно туристи, но и Македонија да биде чиста за да не морам веќе да им објаснувам на туристите зошто има ѓубре насекаде, дури и во националните паркови“,  посочува Стојановска . 

    Таа верува дека Македонија има многу што да понуди и може да стане водечка туристичка дестинација во регионот. А нејзината успешна приказна е  инспирација за сите млади жени кои се стремат кон своите соништа, покажувајќи дека со страст, упорност и љубов кон тоа што го правите, можете да постигнете сè што ќе си замислите.

    (Фото: приватна архива)