Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Непознати вооружени лица, ноќеска пресретнале и убиле еден мигрант, а тројца раниле во селото Табановце.
Напад се случил во два часот по полноќ, додека групата се движела од селото кон македонско-српската граница. При тоа, прво дошло до масовна тепачка, па потоа насилниците употребиле оружје. Тепачката ја видел возач кој се движел по автопатот и пријавил, а кога полицијата отишла на терен пиштолџиите побегнале. Повредените се пренесени во кумановската болница каде им е пружена помош.
Ноќеска кај нас се донесени три лица, од кои едниот со 4 прострелни рани во градниот кош, витално загрозен и искрварен. По извршена реанимација го пративме на Клиника на Торакална хирургија во Скопје. Останатите двајца се со прострелни рани во градниот кош и десното раме, но не се во животно загрозени. Имаме сознанија дека еден човек е убиен и тој не е донесен кај нас-изјави дежурниот хирург Зоран Георгиевски, во Кумановската болница.
Полициско-судски екипи извршиле увид, а полицијата претпладнево сеуште го обезбедуваше местото, прегледувајќи ги околните патишта и шуми. За немилиот настан сведочеа трагите од крв прекриени со земја на автопатот.
Од СВР Куманово денеска излегоа со штуро соопштение во кое не откриваат детали за нападот, правдајќи се дека тоа е во интерес на истрагата.
Во недостаток на официјални и прецизни информации, постои уште една верзија за случувањето. Се шпекулира дека во мигрантите пукале лица кои со камион ги довезле до Табановце, а земале пари да ги пренесат преку граница.
Жителите од селото не видле ништо, само кажуваат дека околу 2 часот по полноќ ги разбудиле викотници на неразбирлив јазик. Кратко потоа слушнале и неколку истрели од пиштол, врескање и плачење.
Тие тврдат дека низ селото секојдневно поминуваат големи групи на мигранти кои одат или се враќаат од границата.
Последниве месеци ова е трет напада на мигранти од Авганистан и Пакистан, кои нелегално сакаат да ја преминат границата со Србија.
Тие се мета на измамници, разбојници и криминалци, кои ги пречекуваат во непристипни предели, каде ги тепаат и ограбуваат.