Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Михаил Младеновски - Лепитка (16) од Куманово е млад талентиран фудбалер кој гради спортска кариера во Холандија, земја со силна фудбалска традиција.
Од февруари годинава тој е дел од ДСО – фудбалски клуб во предградието Зутермер, кој е под супервизија на гигантот Ајакс. За кратко време успеал да влезе во првата постава, а од неодамна е и дел од престижната фудбалска академија „Шидам“ во Ротердам.
„На тренинзите во Холандија доаѓам до границата на издржливост, но тоа е патот што самиот го избрав за да стигнам до целта“, вели Михаил.
Со фудбалот започнал од забава на 4,5 години во ФК Куманово, каде стигнал и до капитенската лента. Подоцна продолжил во ФК Ѓорче Петров, а образованието го стекнувал во Спортската академија во Скопје. И покрај долгите патувања со автобус и напорниот распоред, не се откажувал од соништата.
Желбата за успех и повисоки цели го натерала да донесе нова храбра одлука и да тренира во странство.
„Сам аплицирав. Ми дадоа две недели пробен период, но уште при крајот на првата недела ме примија. Веќе следниот натпревар бев повикан да играм, и тоа во стартна постава“, објаснува Михаил.
Како дефанзивец – стопер, инаку левучар, што е голема предност во тој спорт, Михаил ги брани боите на својот тим, но и храбро го гради својот пат. Аплицирал и во фудбалската академија во Ротердам, каде бил примен по само два тренинга. Академијата е дом на играчи од Фејнорд, ПСВ и други елитни клубови, што дополнително говори за неговиот квалитет.
„Целта ми беше да напредувам. Тука не се третира како веќе готов играч – индивидуално се работи со секој, тренираме движења, манипулација со топка, тактики, техничка подготвеност. Се дава 100% и на секој тренинг се чувствува фанатизам и посветеност“, истакнува Младеновски.
Во клубот секој понеделник доаѓаат нови младинци на проба, конкуренцијата е голема, но Михаил го привлекол вниманието на тренерите со неговата борбеност и зрелост, за негови години. Пред десетина дена играл на турнир со клубови од Белгија, каде тој, во 5 натпревари и уште еден играч биле со најголема минутажа на теренот.
Клубот ДСО има осум терени, медицински лица, вечерни тренинзи со светлечка топка и целосна логистика која ја нема во Македонија. Сето тоа е дел од секојдневието на Михаил, кој таму живее сам со татко му. Во текот на неделата е претежно сам, па многу од обврските ги завршува сам. Секаде се движи со велосипед, сам се грижи за здрава исхрана по веќе направен план и се подготвува за запишување во холандско средно училиште. Првата година ќе му биде насочена кон учење на холандски јазик – што, како што вели, е уште еден важен чекор кон напредување.
„Тука на крајот од тренингот сум целосно исцрпен. Разликата е голема – не само во условите, туку и во менталитет“, вели младиот фудбалер.
Михаил е целосно посветен – има режим на исхрана кој го следи стриктно, не пие газирани сокови, иако признава дека на чоколадото тешко му одолева. Секој ден анализира фудбалски натпревари дома, ги следи потезите и тактиките на големите тимови каде што играат и неговите идоли.
„Идол ми се Видиќ, но и Раул Асенсио од Реал Мадрид, како дефанизви играчи. Но, апсолутно омилен ми е Златан Ибрахимовиќ. Ако би можел да бирам, во иднина би играл за Ајакс или Арсенал“, вели Михаил.
Тренерите и од клубот и од академијата велат дека таленти како Михаил се ретки – дисциплинирани, самостојни и посветени. Преку клуб како ДСО, каде тренирале и фудбалери кои потоа настапувале за Барселона, Милан и Ајакс, патот кон врвот полека се трасира, но сигурно тргнува ви вистинска насока.
(Фотографии: приватна архива)