Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на МКК „Куманово“ во седмото коло извојуваа победа над екипата на „Феникс 2010“ со резултат 73:66, но победата на кумановци беше засенета од инцидентот кој се случи кон крајот на првото полувреме.
Имено, на 1,5 минута пред паузата за првото полувреме навивачите фрлија петарди и чадни бомби на теренот во спорстката сала „Перо Наков“ во Куманово. За расчистување на чадот се чекаше 40 минути, а второто полувреме се играше без присуство на публика.
Навивачите своеволно ја напуштиле салата поради големата количина на чад поради која и видливоста била сведена на минимум.
„Досега навивачите секогаш беа фантастични. Немаше ниту повод или провокација за ваква реакција- ниту имаше судска одлука која би ги изиритирала, ниту пак резултатот беше таков да предизвика револт. Веројатно е дека клубот ќе биде санкциониран поради однесувањето на навивачите“, дознаваме од членови на клубот.
Од останатите клуботи, трета победа, оствари Машкиот ракометен клуб Куманово, против екипата на РК Радовиш со конечен резултат 30:26.
Женските ракометарки се на пауза до средината на декември кога треба да започне плеј оф фазата од првенството. Од ова година женската лига е поделена во А и Б група, составена од по 5 екипи, од кои подобро пласираните од двете групи во вториот дел од првенството ќе се натпреваруваат меѓу себе. ЖРК Куманово во групата Б заврши на второто место, со вкупно 13 поени, по 6 победи, еден нерешен резултат и еден пораз од почетокот на сезоната.
Со високи 6:0 заврши натпреварот помеѓу ГФК Куманово и ФК Ржаничино 6:0 во Трета фудбалска лига Север. Со ефикасна игра на домашната екипа остварена е висока победа со двата голови на Андреј Јовановски, и по еден на Кристијан Златковски, Дарко Тодоровски, Ергин Шерифи, Горан Трајковски. Наредниот натпревар ГФК Куманово го игра на гостински терен против екипата на ФК Академија Илинден.